06.10.2012, 14:55 Скопјани добија нова рекреативна трим патека на Водно
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска ја промовираше новата трим патека „Скопје“, што се протега на потегот од Средно Водно до локалитетот Марково Крувче, во должината од 2.140 метри и широчина 2,2 метри.
- Граѓаните на Скопје денеска добија уште една локација за спортување и рекреирање. Град Скопје заедно со екипите на ЈП “Улици и патишта” и ЈП “Паркови и зеленило” ја реконструираше и ја прошири постоечката трим – патека од Средно Водно до локалитетот Марково Крувче. Сметам дека сега се подобрени условите за користење на оваа патека со самиот факт што се поставени четири трим станици на кој што постојат фитнес справи изработени од дрво. Ги поканувам сите граѓани на Скопје активно да ја користат оваа патека за рекреација и водно ги поканувам сите професионални спортисти своите подготовки да ги прават тука, зашто оваа патека и во летните топли периоди е претежно под сенка, истакна градоначалникот Трајановски.
По должината на патеката поставени се четири трим станици, а на секоја од нив има по четири фитнес реквизити, изработени од дрво. На патеката е нанесен 10 сантиметри слој од тампон (вкупно 580 кубици), а врз него е ставена 3 до 5 сантиметри бела ризла.
Низ целата должина на трим патеката, направени се 8 прекопи каде што се поставени 8 армирано бетонски цевки ф/40 и 8 сливници за собирање и одведување на атмосверската вода.
Поставени се четири заштитни огради, три нови дрвени маси со клупи за седење и 10 нови корпи за отпадоци.
Овие нови спортско-рекреативни содржини, поради добрата конфигурација на теренот, можат да ги користат деца, младинци, рекреативци, спортисти и пензионери. Покрај трим патеката поставени се и 6 информативни табли коишто ги содржат сите неопходни информации поврзани со надморска височина, одалеченоста на секоја од трим станиците од почетокот до крајот на патеката, примери со вежбите што можат да се изведуваат на спортските реквизити...
Оваа должина од трим патеката е реализација на првата фаза, додека втората фаза, од Марково Крувче до населбата Припор, ќе биде завршена до средината на 2013 година.
Инвеститор на проектот е Градот Скопје, а за реконструкцијата на патеката од буџетот се издвоени околу 3 милиони денари.
Изведувачи се екипи на ЈП „Улици и патишта“ и ЈП „Паркови и зеленило“, а сите стручни содржини напишани на информативните табли се во координација со Факултетот за физичка култура на Република Македонија, а поддршка даде и Агенцијата за млади и спорт.
|