06.10.2012, 11:22 Акцијата „Македонија без отпад“ денес под Кале
Целта на акцијата е да се исчисти отпадот фрлен на несоодветните места и да се подигне свеста кај граѓаните за правилно управување со него
Во 60-тина општини низ Македонија на 436 пријавени локации денеска ќе се реализира акција „Македонија без отпад 2012“, на иницијатива на Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ и со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на акцијата е да се исчисти отпадот фрлен на несоодветните места и да се подигне свеста кај граѓаните за правилно управување со него.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и неговиот заемник Стево Темелковски заедно со шведскиот и словачкиот амбасадор, Ларс Валунд и Роберт Киранар, и други претставници на дипломатскиот кор ќе се приклучат на централната акција на кампањата „Македонија без отпад 2012“ што ќе се одржи на дивиот пазар под скопската тврдина Кале.
- Се организира акција за чистење, ослободување од старата хартија во училишните дворови и поставување пунктови во општините каде граѓаните ќе може да го остават својот отпад. Општините сами треба да изберат што ќе реализираат, но главен фокус се става на чистењето отпад, вели Антонио Јовановски, претседател на граѓанската асоцијација „Ајде Македонија“.
Акцијата ќе ја поддржи и Градот Скопје. Нивни претставници денеска од 10:30 до 14 часот ќе расчистуваат на локација под скопската тврдина Кале. Со такви активности ќе се вклучат и скопските општини Центар, Карпош, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Аеродром и Ѓорче Петров.
Спoред пратеничката во македонското Собрание Лилјана Поповска, чистењето е прва фаза од она што треба да се направи, а втората е подготовка на капацитети за преработка на отпад.
- Отпадот е многу скап ресурс. Од него може да се добие биомаса за правење енергија, но може да се прават и други производи, истакна Поповска додавајќи дека во иднина треба да се развиваат акции за селекција и праработка на отпадот
|