05.10.2012, 12:34 Опозицијата го прати Мисовски на координација кај Вељаноски
Координацијата кај спикерот на Парламентот се одржува со цел да се одреди редоследот на настап на пратениците од власта и од опозицијата, кои ќе говорат во врска со интерпелацијата за владата
Пратеникот на НСДП, Горан Мисовски е пратен како претставник на здружената опозиција на координација кај спикерот Трајко Вељаноски. Опозицијата, велат од СДСМ, испратила свој претставник за да не се одложи седницата на неодредено време, поради можно отсуство на опозициските партии на средбата.
Координацијата кај спикерот на Парламентот се одржува со цел да се одреди редоследот на настап на пратениците од власта и од опозицијата, кои ќе говорат во врска со интерпелацијата за владата.
Според списокот на СДСМ, прашањето зошто треба да се гласа за недоверба на Груевски прва треба да го образложи Радмила Шекеринска, а потоа следуваат пратениците Гордан Георгиев, Наташа Савова и Игор Ивановски. Последен на списокот на кој има 32 говорници, е Стојко Пауновски кој всушност треба да се обрати пред премиерот Никола Груевски.
Во времето на владеењето на премиерот Никола Груевски ова е второ гласање за доверба на владата. Последен пат такво гласање имаше во јуни 2007 година за владата на Никола Груевски, а тогаш таа доби доверба од Собранието.
|