05.10.2012, 22:44 (ФОТО) Свеќи и ѕвездено небо за Тоше
Вечерва (5 октомври) на плоштадот "Македонија" беше одбележана петгодишнината од последниот концерт на македонската пејачка ѕвезда
ФОТО: Киро Попов
Катерина Шекеровска
Плоштадот "Македонија" вечерва беше преполн со фанови и почитувачи на големата пејачка ѕвезда Тоше Проески. Ако пред пет години неговите обожаватели брзаа кон Градскиот стадион каде што се случуваше најубавиот и најмасовен концерт на Тоше, вечерва, почитта кон ѕвездата ја искажаа достоинствено, палејќи свеќа и потпевнувајќи ги неговите рефрени. "По тебе", "Цреша", "Зајди, зајди", "Арија"... му пркосат на времето и неговата релативност. Публиката наизуст ги знае и пее песните и на најубав начин испраќа порака до својот миленик, правејќи го одново ѕвезденото небо. По четврти пат, помлада, но и повозрасна публика беше дел од традиционалната манифестација под мотото "Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше", во организација на неуморните членови од интернационалниот "Тоше Проески фан-клуб форум". Се пуштаа песни, извадоци од документарниот филм за Тоше и негови концертни настапи. Изненадување на вечерта беше емитувањето на новиот видеоспот на Тоше, кој премиерно беше пуштен на големиот видеобим на Плоштадот. Всушност, станува збор за песната "Зајди, зајди", снимка направена за време на промоцијата на неговиот последен албум "Игри без граници" во загрепска "Творница" во 2007 година. Снимката била пронајдена во лаптопот на Тоше и го чекала вистинскиот момент да излезе пред очите на јавноста.
"Ова не се опишува, нека не се гаси ѕвезденото небо!", е пораката која Тоше ја испрати на неговиот последен концерт, а која верно ја следат и исполнуваат неговите фанови. "Можеби судбината го направи своето, но фановите не дозволуваат неговата желба да падне во заборав", додаваат од интернационалниот Тоше Проески фан-клуб форум. Оттаму не информираа и дека вечерва во Скопје допатувале и фанови на Тоше од другите градови, но и од соседството. Најавуваат достоинствено одбележување и на петгодишнината од смртта на Проески, за што деталите наскоро следуваат.
Собрани рекордни 362 единици крв
Денеска (5 октомври) од 10 до 18 часот во просториите на фондацијата "Никола Кљусев" се одржа крводарителска акција под мотото "Јас штотуку спасив живот, а Вие?", организирана од интернационалниот Тоше Проески фан-клуб форум и Црвениот Крст на Град Скопје, а поддржана од меѓународната фондација "Тоше Проески". Оваа година беа собрани рекордни 362 единици крв, со што хуманиот пат на Тоше продолжува и понатаму.
Откажан меморијалниот концерт за Тоше во Нова Градишка
Меморијалниот концерт за Тоше Проески, кој требаше да се одржи на 12 октомври во Нова Градишка, Хрватска, како дел од одбележувањето на петгодишнината од неговата смрт- е откажан. Организаторот на манифестацијата, Туристичката заедница на градот Нова Градишка, денеска преку специјално соопштение до јавноста објави дека причината е што "хрватските изведувачи, кои се нарекуваат пријатели на Тоше, за настап на меморијалниот концерт побарале износи од 10.000 евра па и повеќе".
"Нема да има никаков концерт, ниту миси во црква, а под знак прашање се и маратонците. Го осмисливме овој настан "Ин мемориам Тоше Проески" за да го зачуваме споменот на големиот лик и дело на човекот кој сите го сакавме, не само поради музиката туку поради се што беше", објаснија од Туристичката заедница на Нова Градишка.
|