04.10.2012, 15:23 Да се потсетиме на „Скопје во 90-тите“ во МКЦ
На платото пред МКЦ во сабота од 20 часот ќе се одржи целовечерен настан инспириран и посветен на 1990-тите години во Скопје
Во организација на „Тиииит“ и Младинскиот културен центар, во сабота ќе се одржи целовечерен настан инспириран и посветен на 1990-тите години во Скопје. На платото пред МКЦ, од 20 часот, ќе се случува филмска проекција на отворено, голем концерт на кој ќе настапат повеќе музичари од различни состави, изложба на македонски музички изданија од 1990-тите, ќе бидат изложени и неколку броеви од списанието за музика „Тротоар“ итн.
Како што велат од „Тиииит“, кои минатата година го организираа големиот настан посветен на култниот музичар Дејвид Боуви, годинава идејата е да се потсетиме на убавите времиња кои скопјани ги живееја во 90-тите години на минатиот век, да се потсетиме на музиката, на омилените бендови, на бескрајните ноќи, на разденувањето во градот, на другарството, на слободата, на градот кој веќе го нема...
На концертот ќе бидат изведени теми од „Санс“, „Депеш мод“, „Чиста околина“, „Стоун роузис“, „Ласт експедишн“, „Архангел“, „Продиџи“, „Соник Јут“, „Мозаик“, односно дел од култните композиции што ги одбележаа плодните музички деведесетти години. (Т.И.)
|