04.10.2012, 15:52 Ќе се градат 100 повеќенаменски игралишта
Одлука за изградба на 100 повеќенаменски игралишта во 70 општини во Македонија и за поддршка за изградба на две спортски сали во кругот на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Државниот универзитет во Тетово, донела Владата на минатата седница.
- Секое повеќенаменско игралиште ќе обезбедува услови за спортување и рекреација во повеќе спортски дисциплини - мал фудбал, кошарка, ракомет... Игралиштата ќе бидат ставени на располагање на сите граѓани за спортување, рекреирање и натпреварување. Нив ќе можат да ги користат сите бесплатно и ќе бидат место за собирање и дружење на младите генерации и основа за создавање здрава младина и превентива од пороците на модерното живеење, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој додаде дека стоте повеќенаменски игралишта ќе бидат изградени во над 70 општини независно, како што посочи, од нивната големина, степен на урбанизација, политичка припадност на градоначалникот или етнички состав на населението. Од нив 25 ќе бидат изградени во Скопје и скопскиот регион, а од останатите 75 половина во источна, половина во западна Македонија.
За реализација на овој проект Владата и одобрила на Агенцијата за спорт и млади да распише постапка за избор на економски оператор за изградба на игралиштата. По завршувањето на постапката ќе се отпочне со физичка градба на игралиштата. Се очекува етапно и во фази да бидат пуштени во употреба игралиштата во рок од две години. Првите игралишта се очекува да бидат готови во првите месеци на следната година.
- Покрај развој на спортот и придобивките за граѓаните со овој проект се дава и директна поддршка на градежништвото и се обезбедува ангажман на работници при изградбата и при управувањето со градилиштето, рече Ѓорѓиев.
Тој информира дека во насока на развој на универзитетскиот спорт и обезбедување услови за спортување и одржување настава по физичка култура Владата донела одлука да поддржи изградба на две спортски сали во кругот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Државниот универзитет во Тетово. Владата ќе учествува со финансиски средства во изградбата на овие сали, а модалитетот на изглед ќе биде определен во консултација со универзитетите. |