05.10.2012, 12:29 „Калчр девелопмент“ во живо на Канал 103
Се работи за еден од наијинтересните надоаѓачки бендови на македонската независна сцена
Во најновото продолжение на радио-серијалот „Ако никој не свири... во живо на Стотројка“, оваа недела во 22 часот настапува скопското трио „Калчр девелопмент“. Се работи за еден од наијинтересните надоаѓачки бендови на македонската независна сцена. Иако с` уште во своите тинејџерски години, групата поседува неверојатно зрел музички израз кој би можел да се опише како емотивен пост-хардкор.
„Калчр девелопмент“ постојат од 2011 година. Членови на бендот се Алек Костенаров (вокал, бас-гитара), Александар Макаловски (гитара, вокал) и Стефан Дојчиновски (тапани). После неколку месеци активно вежбање, бендот го снима своето прво демо и го има својот прв настап. Имаат неколку настапи низ Македонија и почнуваат со снимање на првиот албум, „The 3 of us“, издаден неодамна за „Направи Заедно“. На 24-ти август 2012 година, тргнуваат на својата прва турнеја заедно со „Фонија“. Турнејата опфаќа 11 настапи низ државите од бивша Југославија. Во моментов бендот интензивно го промовира својот деби албум по градовите низ Македонија и активно работи на нов материјал кој ќе биде снимен и издаден следната година.
Тон мајстор на концертот ќе биде Ивица Јанкуловски.
|