06.10.2012, 18:20 Г.г. Стефан: МПЦ е стожер на македонскиот народ и држава
Собор посветен на 45-годишнината од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
Одлуката на Светиот синод донесена во Охрид пред 45 години е историски настан, кој донесе целосно духовно воскресение, настан што ја исправи двевековната неправда, настан–темелник врз кој се потпира современата историја на Црквата во Македонија и меѓу Македонците во светот, рече поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан пред учесниците на Црковнонародниот собор што денеска се одржува во манастирот во Калишта.
На соборот посветен на 45-годишнината од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква, архиепископот Стефан нагласи дека се работи за „праведна, родољубива и богоугодна“ одлука со која и било вратено достоинството на древната македонска црква.
- Соборот одлучил, имајќи предвид дека времето се исполнило, покрај веќе националната да се возобнови и духовната слобода. И ако погледнеме што сe постигнавме за овие четири-пет децении ќе речам – постигнавме многу. Најголем дел од Македонците се под закрила на својата Света Црква, возобновивме стари и изградивме нови цркви и манастири, основавме потребни богословски просветни институции, издадовме Библија на современ македонски јазик и поголем дел богослужбени книги и друга црковна литература, се возобнови монаштвото, продолжува духовното надградување на нашиот народ..., рече, меѓу другото, поглаварот на МПЦ.
Владиката Кирил, еден од потписниците на историската одлука за возобнување на Охридската архиепископија, олицетворена во МПЦ, рече дека се работи за уште еден чин за целосно национално и духовно издигнување, будење и обединување на македонскиот народ, чин со кој е исправена историската неправда и отстранета вековната обесправеност на македонскиот народ.
Пред присутните на соборот во Калишта свое обраќање имаше и директорката на Агенцииата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, која за денешниот чин рече дека претставува славење на духовната самостојност на македонскиот народ.
Црковнонародниот собор продолжува со состанок зад затворени врати, на кој ќе се дискутираат повеќе прашања. Свеченоста по повод годишнината уште ќе биде збогатена со хиротонисување на новоизбраниот епископ Велички, архимандритот Јосиф Тодоровски, што ќе биде извршено попладнево во манастирот на Плаошник во Охрид, како и со свечена литургија што утре ќе се служи во катедралната црква „Света Софија“.
Свечената академија по повод јубилејот е закажана за вечерва, а на неа обраќање ќе има и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
|