04.10.2012, 14:20 (ФОТО) Илјадници граѓани го преплавија „Скопје сити мол“
Синоќа во присуство на речиси целиот државен врв беше отворен трговскиот центар Скопје Сити Мол на вкупна површина од 90.000 метри квадратни
ФОТО: Киро Попов и Петр Стојановски
„Скопје сити мол“ денеска и официјално ги отвори вратите за посетителите. Очекувано, толпа народ од рано изутрина со нетрпение го дочека отворањето на најголемиот трговски центар во Скопје, во Карпош 4 и регионот.
„‘Се' што сакам‘ е моќна порака со која ви се обраќаме. Од денес па натаму ви го предаваме трговскиот во ваши раце. Направен е за вас, вие сте тие што ќе го одржувате во живот“, им се обрати Ивајло Ивајлов, извршен директор на „Скопје сити мол“, на насобраните граѓани пред симболичното сечење на црвената лента.
Кој во прошетка, кој на шопинг, центарот за нецели десетина минути по отворањето беше преплавен со посетители. Внатре, навистина се' што сакаш, од пиле млеко. Облека, накит, бела техника, мебел, козметика, ресторани, кино, куглана... Сепак, најпосетен беше хипермаркетот „Карфур“, кој уште во првите минути од работењето со примамливи акции и ниски цени ги привлече муштериите. Низ продавниците, пак, на десетици светски брендови кои прв пат се најдоа во Македонија, имаше повеќе љубопитни граѓани отколку купувачи.
„Има се', нема што нема, но полни очи - празни раце. Нашата куповна моќ е далеку послаба од она што ни се нуди овде“, се коментираше речиси пред секој излог. Некои излози вчера се' уште не беа опремени, стоката во дуќаните допрва се редеше. Истовремено и во кругот на трговскиот се' уште беа видливи градежни зафати на паркингот, кој за посетителите ќе биде бесплатен.
Инаку, можност први да го видат и да прошетаат низ „Скопје сити мол“ имаа ВИП-гостите и медиумите, кои вчера вечерта присуствуваа на свечен прием по повод отворањето на трговскиот центар. Присутни беа стотици политичари, бизнисмени, естрадни уметници, а свечената лента ја пресече премиерот Никола Груевски.
Зара, Масимо Дути, Страдивариус, Пул енд Беар, Бершка, како и францускиот ланец супермаркети Карфур, се дел од брендовите кои најдоа свое место во Скопје Сити Мол и првпат ќе имаат свој продажен простор во Македонија.
Француски „Карфур“ првпат го воведува форматот „хипермаркет“. На македонските потрошувачи ќе им понуди 35.000 производи. Неговата политика е да одржува ниски цени.
Втора продавница отвори и германската Њу Јоркер која ја претстави најновата колекција во „Скопје Сити мол“. Њу Јоркер одлучи да ја отвори оваа втора продавница со модерен концепт и најновите модни стилови со цел да го понуди своето исклучително шопинг искуство на повеќе од 750 метри квадратни.
Овој бренд е присутен во Македонија од 2010 година со отворање на својата прва продавница во ТЦ Веро.
Телеком, исто така, го промовираше својот нов продажен салон, кој е единствен од овој тип во регионот, а трет по ред во рамки на групацијата Дојче Телеком. Во Салонот е вградена најмодерна технолоја која ја носи компанијата чекор напред во еволуцијата на мобилните податочни услуги.
Трговскиот центар нуди богати забавни содржини како што се мулти-плекс киното со 3Д технологија на Синеплекс, потоа куглана за семејна забава и деловно дружење во Боулинг, многу кафе барови, ресторани, брза храна, козметика, книжарница, детски катчиња, потреби за домаќинство, сервисни услуги и други содржини. Посетителите ќе имаат на располагање и паркинг простор со 1.300 места вклучувајќи подземно ниво и катна гаража.
Инвестицијата е над 100 милиони евра, која овозможува над 2.000 вработувања. Капацитетот се простира на 90 илјади метри квадратни.
На 90.000 метри квадратни, од кои 39 илјади метри се за издавање, ќе бидат присутни 150 реномирани светски брендови, како и најголемите локални трговски марки, а ќе бидат достапни за комерцијална продажба од утре. Инвеститори се Балфин и Фешн груп.
Определбата на Скопје Сити Мол, според најавите, е да ги задоволи потребите на домашните, но и на потрошувачите од регионот за квалитетен и современ трговски простор и да стане најуспешен шопинг центар на Балканот со околу 7,5 милиони посетители во првата година.
|