03.10.2012, 15:48 Во Белград уапсена секретарката која намерно ширела ХИВ вирус
Белградската полиција ја уапси 27-годишната Марина Ч. од Заечаер заради сомнение дека свесно заразила со ХИВ вирус неколку мажи.
Како што соопштува полицијата, Марина не е проститутка, туку работи како секретарка во градежна фирма, а во план и било да биде унапредена во помошник на директорот.
- Таа не е проститутка. Сексуални односи со мажите имала од задоволство, свесно сакајќи да ги зарази со СИДА. Сексуалните услуги не ги продавала, иако можеби добивала некакви подароци. Од 2011 година е регистрирана како ХИВ позитивна. Очигледно е дека сакала да му се одмазди на некој маж, наведува полицијата.
Таа била приведена вчера околу 11 часот.
- Во текот на приведувањето и сослушувањето во ополицијата делувала многу ладнокрвно. Ако се докаже нејзината свесна намера, и се заканува казна од две до 12 години затвор, изјави соговорник на весникот „Прес“.
Полицијата на Марина и влегла во трагата кога пред еден месец ја пријавил поранешниот љубовник кого го заразила, а тој потоа вирусот и го пренел на сопругата.
- Тој прв ги почуствувал симптомите, а потоа и неговата сопруга. Со оглед на фактот дека од ден на ден им било се полошо, сопружниците отишле кај приватен лекар на анализа на крвта и тогаш дознале дека се ХИВ позитивни. Жената веднаш се развела од него, а тој до полицијата поднел пријава против Марина. Пред тоа да го направи Марина му признала дека тој не е единствената нејзина жртва, изјавија од полицијата.
Според информации до кои дошол белградскиот весник „Телеграф“, во текот на истрагата било утврдено дека уапсената имала сексуални односи и со двајца белградски политичари. |