04.10.2012, 14:32 „Индекс мунди“: Македонија 21. во светот по невработеност
Полоши сме од Бугарија, Албанија, Грција и Србија, кои се зад нас на оваа листа, а подобри сме од Косово и БиХ
Со стапка од 31,4 проценти невработени од вкупното работоспособно население, Македонија се наоѓа на 21. место на ранг-листата од 199 земји на „Индекс мунди“.
Од регионот, пак, меѓу земјите кои најлошо котираат по бројот на невработени, се најдоа Косово, кое е на 11. позиција, со стапка на невработеност од 45,3 проценти, и Босна и Херцеговина, која е на 13. место со стапка од 43,3 отсто.
Но, затоа зад нашата држава според невработеноста се најде Србиј��, која го зазела 30. место, со стапка на невработеност од 23,4 проценти. Хрватска, пак, со 17,7 проценти невработено население го добила 44. место. Словенија е во многу подобра позиција и со 11,8 проценти невработеност е на 77. позиција, додека, пак, Црна Гора е на уште подобро место, односно на 79. позиција со стапка од 11,5 проценти.
Ако се погледнат позициите на нашите најблиски соседи, тие се далеку зад нас на овој индекс, што значи дека многу подобро стојат на планот на вработеноста. Поточно, Албанија со стапка на невработеност од 13,3 проценти е на 63. место, Бугарија со 9,6 проценти невработени е на 95. место. Дури и Грција, која е презадолжена и е во рецесија неколку години по ред, е на 45. место на оваа ранг-листа, со стапка на невработеност од 17,3 проценти.
Инаку, на правата позиција земји со најмногу невработени е Зимбабве, со стапка од 95 проценти. Неа ја следат Наури, каде што 90 проценти од населението е без работа и Либерија, со стапка од 85 проценти невработени.
Последна, пак, на листата со 0 проценти невработеност е Монако, пред која се најдоа Катар со 0,4 проценти невработено работоспособно население и Тајланд со стапка од 0,7 проценти.
Инаку, „Индекс мунди“ содржи детални статистики за 199 земји, графикони и мапи составени од повеќе извори, меѓу кои Светска банка, Меѓународната организација на трудот, Евростат и статистиките на поединечните земји. (Ек.Р.)
|