05.10.2012, 12:35 Вашингтон не сака вонредна средба на Г-20 за цените на храната
САД ја блокираа иницијативата за свикување на вонредна средба на Г-20 за разгледување на ситуацијата на светскиот пазар на храна, каде е забележан значителен раст на цените, објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Весникот наведува дека Вашингтон, кој претседава со новата структура на Г-20 „Форум за брзи реакции“, објавил соопштение во кое се истакнува дека земјоделските пазари „функционираат“ и не постои потреба од свикување на вонредна средба.
Претставникот на САД во Агенцијата за храна на ОН, Креол Џонсон, изјави дека владите на голем број земји во светот, вклучително најголемите производители на земјоделски производи од групата Г-20, дејстуваат внимателно и отворено и не дозволуваат забрани за извоз на прехранбени стоки кои во 2007 и 2008 година придонесоа за зајакнување на променливоста на цените.
Во меѓувреме цените на прехранбените продукти на светскиот пазар го достигнаа својот шестмесечен максимум. Согласно извештајот на Агенцијата за храна на ОН, во септември годинава просечниот раст на цените на светските пазари е 1,4 проценти.
|