05.10.2012, 15:19 Кардиолозите бараат повеќе кардиоваскуларни центри
Македонија има голема потреба од нови кардиоваскуларни центри за да може да се лекуваат сите пациенти со различни видови кардиоваскуларни болести. Тоа е заклучокот на Рајнер Мосдорф, професор по кардиоваскуларна хирургија во Марбург во Германија, на почетокот на второто годишно собрание на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Македонија. Тој посочи дека нема многу болници за кардиоваскуларна хирургија во Македонија, како што има во Германија.
„Околу 50 проценти од луѓето во Германија починуваат од кардиоваскуларни болести. Во нашите центри го ставаме фокусот на превенцијата на кардиоваскуларните болести“, рече Мосдорф.
Академик д-р Жан Митрев истакна дека во Македонија има два центри за кардиоваскуларна хирургија, и вкупно шест операции на милион жители, што, според него, укажува дека сме далеку од европскиот стандард.
Во Германија, посочи тој, на милион жители се прават околу 1.000 операции на срце. Митрев рече дека најголемиот број од смртните случаи во Македонија, а и во Европа, се резултат на кардиоваскуларни заболувања. (Ек.Р.)
|