03.10.2012, 13:29 Македонија падна седум места на ФИФА листата
Послабиот пласман на „црвено-жолтите“ во однос на минатиот месец се должи на поразот од Хрватска во Загреб и нерешениот исход со Шкотска во Глазгов
На најновата ФИФА рејтинг листа за октомври објавена денеска, Македонија забележа пад од седум позиции и сега се наоѓа на 104.то место.
Послабиот пласман на „црвено-жолтите“ во однос на минатиот месец се должи на поразот од Хрватска во Загреб и нерешениот исход со Шкотска во Глазгов.
Можност за поправање на пласманот избраниците на селекторот Чедомир Јаневски ќе имаат овој месец на средбите со Хрватска и Србија на 12, односно 16 октомври во Скопје.
Од противниците на македонските фудбалери во квалификациската група за Светското првенство, најдобро пласирана е Хрватска на 11.место, Белгија направи скок од 10 места и сега е 30.та, Србија е на 33.место, Шкотска е 56.та и Велс е 57.мо пласиран.
Во првата десетка се: Шпанија, Германија, Португалија, Аргентина, Англија, Холандија, Уругвај, Италија, Колумбија и Грција.
Следното рангирање Светската фудбалска асоцијација - ФИФА ќе го направи на 7 ноември.
|