10.10.2012, 15:46 Фудбалерите бараат максимална поддршка
Според Богатинов и Шиков, распродадениот „Филип Втори“ мора да се искористи за освојување на бодовите
Во мирна атмосфера, обидувајќи се да останат изолирани од фудбалската треска што ги зафаќа Скопје и целата земја, македонските репрезентативци го очекуваат петочниот натпревар со Хрватска во квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил. Првиот комплетен тренинг селекторот Чедомир Јаневски го одработи прексиноќа, кога првпат можеше да располага со сите фудбалери, откако на црвено-жолтиот табор му се приклучија Иван Тричковски и Горан Пандев, кој доби дополнителен одмор.
Двајцата репрезентативци што настапуваат во украинското првенство, Мартин Богатинов од Карпати и Ванче Шиков од Волин, велат дека во националниот тим владее огромен мотив, кој, дополнет со поддршката од преполниот „Филип Втори“, треба да ни го донесе посакуваниот позитивен резултат.
„Позитивен резултат за мене сигурно ќе биде победа, но може да се каже дека и да се остане непоразен во дуелот со една Хрватска, секако, ќе остави простор за натамошни успеси“, вели чуварот на мрежата Богатинов.
Слично размислува и Шиков.
„Хрватска, секако, е голем фаворит, но верувам дека ќе биде под голем притисок на нашиот стадион. Навивачите и огромната мотивација се нашата предност. Тоа треба да го искористиме за да дојдеме до посакуваните бодови“.
И двајцата се согласни дека не' чека тежок натпревар, на кој треба да му се пристапи мирно, со ладни глави, со апсолутна почит за противникот, но и без негово преценување.
„Модриќ е светска класа. Јасно е дека може да реши натпревар со еден потег. Имаат уште неколку одлични поединци, а сето тоа компонирано во квалитетен тим. Но, и ние имаме свои адути. Ги почитуваме, но не ги преценуваме. Треба да се концентрираме само на нашата игра и да ја искористиме одличната атмосфера во репрезентацијата за да дојдеме до целта“, вели Богатинов.
Данскиот судија Петер Расмусен ќе биде делител на правдата на утрешната средба од 20,30 ч. УЕФА го делегираше како еден од поискусните европски судии, со оглед на очекуваната тежина на натпреварот што може во голема мерка да биде решавачки околу амбициите на двата тима за врвот во групата А.
Во ноември пријателска со Словенија
Слободниот ноемвриски термин од квалификациите за СП 2014 македонската фудбалска репрезентација ќе го искористи за одигрување на пријателски натпревар против селекцијата на Словенија.
Дуелот е закажан за 14 ноември во Скопје, а ќе биде прво соочување поме��у Македонија и Словенија по 18 години пауза.
Нашиот национален тим против „змајчеките“ за првпат се сретна во 1993 година во Крањ славевме со 4:1, а додека една година подоцна во Скопје ги добивме со 2:1. (М.К.)
|