11.10.2012, 14:36 Калтенборн прва жена шеф на Ф1-тим
Родената Индијка ја презеде функцијата од сопственикот Заубер во истоимената екипа
Мониша Калтенборн, која е родена во Индија, вчера стана првата жена на чело на екипа од Формула 1, преземајќи ја функцијата тимски шеф во Заубер од основачот Петар Заубер. Тимот со седиште во Швајцарија соопшти дека 41-годишната Калтенборн, која досега беше извршен шеф, ќе ги преземе должностите во Заубер за време на гран-при викендите.
Петар Заубер, кој утре ќе наполни 69 години, ќе продолжи како претседател на бордот на сите компании од „Заубер груп“ и ќе остане одговорен за стратегиски одлуки. Швајцарецот што не ја вади цигарата од уста претходно изјави дека ќе се повлече во заднина, бидејќи нема намера да седи на пит-ѕидот на возраст од 70 години.
Покрај тоа што ќе биде првата жена со ваква улога, Калтенборн, која е државјанка на Австрија, таа е и вториот тимски шеф роден во Индија во спортот со 12 екипи во моментов по Виџај Малја од Форс Индија.
„Одамна имаме донесено одлука дека Мониша ќе ме наследи, но го оставивме тајмингот отворен. Сега е добар момент за двајцата, односно ова е вистинскиот миг да се притисне копчето“, изјави Заубер. „На многу трки не бев во можност да присуствувам, последна од нив беше Јапонското гран-при, каде што тимот имаше одличен настап. Не се сомневам дека Мониша ги има сите потребни способности за да биде извонреден тимски шеф. Исто толку сум сигурен и дека вредностите што ја издвојуваат компанијата ќе останат на сила. Тоа ми е многу важно“.
Тимот на Заубер, кој дебитира во Формула 1 во 1993 година, оствари четири пласмани на подиумот во досегашните 15 трки сезонава, а во неделата Јапонецот Камуи Кобајаши го освои третото место на својата домашна трка во Сузука. Тимот во моментов е шести во вкупниот поредок на конструкторите. Другиот возач, Серхио Перез, има три подиума и на крајот на сезоната заминува во Мекларен.
Калтенборн дојде во Заубер во 2000 година за да го води правниот оддел, а пред две години стана извршен шеф за операции. Заубер и' префрли една третина од акциите на компанијата минатата година.
„Ние сме четвртиот најстар тим во Формула 1. Создавањето проект како овој и неговото одржување во тешко опкружување е огромно постигнување“, изјави таа. „Си имам поставено високи цели и посветена сум да го одведам тимот напред, како што би сакал Петар Заубер, кон нови успеси“.
|