11.10.2012, 15:05 Армстронг одново на столбот на срамот
Антидопинг агенцијата на САД тврди дека седумкратниот победник на Тур де Франс ги терал да се допингуваат и колегите од тимот
Ако Антидопинг агенцијата на САД е во право, тогаш Ленс Армстронг мамел на својот пат до врвот на велосипедскиот свет преку елаборирана допинг-шема досега невидена во овој спорт. Хотелските соби биле претворени во банки на крв, каде што велосипедистите добивале трансфузии доцна во ноќта, докторите биле исплаќани, а натпреварувачите однапред биле предупредувани за тестовите, соопшти УСАДА. Повеќе од шест недели откако доживотно го суспендира Армстронг и му ги одзеде седумте титули на Тур де Франс, УСАДА ги објави наодите од својата истрага против него и неговиот тим Ју-Ес постал сервис про.
Адвокатот на Армстронг ја нарече истрагата „сеча“ и „бркање вештерки“, а самиот тој негира дека мамел и никогаш нема паднато на допинг-тест. Но, и се откажа од борба против обвиненијата.
Неколку нови работи има во извештајот од илјада страници, но сведочењата имаа поголема тежина во однос на претходните истражни постапки во неговиот случај. Неговите обвинувачи изјавија дека Армстронг, еден од најпознатите спортисти во светот и добро познат по своите хуманитарни активности во борба против ракот, не само што учествувал во сето тоа со своја волја, туку и како лидер во екипата им наредувал на тимските колеги да мамат. Покрај финансиски исплати, електронски пораки и резултати од лабораториски тестови за кои Агенцијата тврди дека докажуваат оти Армстронг и УПС користеле забранети стимулативни средства, 26 луѓе сведочеа, меѓу кои 11 негови поранешни тимски колеги. Од нив најголемо изненадување е Џорџ Хинкепи, кој возеше покрај Армстронг при освојувањето на сите седум трофеи на Тур де Франс и беше еден од неговите најлојални пријатели и луѓе од доверба.
„Би ми било многу полесно да зборувам само за себе, но сфатив дека сум обврзан да ја кажам вистината за се' што знаев. Тоа и го направив“, вели тој.
Во своето сеопфатно досие УСАДА вели дека има непобитни докази оти Армстронг бил во центарот на софистицирана програма за допингување.
„Неговата цел го одведе до зависност од еритропоетин, тестостерон и транфузии на крв, но и до тоа да очекува и да бара од неговите тимски колеги исто така да користат допинг за да ги поддржат неговите цели, ако не мислат своите. Евиденцијата покажува дека Армстронг не само што употребувал стимуланси, туку ги снабдувал и другите со нив“, соопшти УСАДА.
|