12.10.2012, 13:56 Прилепскиот театар подготвува премиера од Шекспир
„Од влакно ортома“ („Многу врева за ништо“) во режија на српската режисерка, Ива Милошевиќ ќе биде одиграна кон крајот на месецов
„Од влакно ортома“ („Многу врева за ништо“) е новата претстава што се подготвува во прилепскиот театар, по текст од Шекспир, во режија на српската режисерка, Ива Милошевиќ, која за прв пат соработува со македонски театар. За неа Шекспир е предизвик и тоа е мотивот што одлучила да го постави на сцена. Вели го одбрала овој текст, зашто кореспондира со сегашноста и со филозофијата на младата генерација, со циничниот и сомнителен однос кон љубовта. „Ова е еден голем предизвик, затоа што се обидуваме да најдеме еден современ израз за ова дело, значи не правиме претстава која ќе биде музејска верзија на текстот на Шекспир, туку бараме начин тоа да биде и смешно и вистинито, духовито, ангажирано, актуелно и да ја поттикне публиката на размислување, дали има денес доволно верба во љубовта или овој свет повеќе е место каде што се занимаваме со суетата и гордоста”, вели режисерката Милошевиќ.
Таа го одбрала прилепскиот театар, заради извонредниот ансамбл од млади, но исклучително професионални и амбициозни актери. А, тие задоволни од досегашната соработка на проектот велат: „ Сега сме во една кондиција и во една ситуација да го работиме Шекспир. Почетокот е според мене одличен, затоа што станува збор за една убава комедија, значи не станува збор за една класична комедија, туку едно модерно читање. Дружбата ни е одлична, процесот е одличен, така што се надеваме дека ќе имаме една претстава која ќе биде супер и за гледачите и за уметничката критика”, изјава Александар Степанулески.
„Со оглед на тоа што, ние прв пат како екипа го работиме Шекспир, со некаква возбуда сите пристапивме кон овој проект и искрено многу добро се забавуваме, одлично се разбираме и тоа ќе биде една модерна претстава, која што ќе биде разбирлива за сите, значи нема да биде класичен Шекспир”, додава Даниела Иваноска.
Во претствата играат уште и Зоран Иваноски, Наташа Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Никола Настоски, Влатко Ѓорѓијоски, Марјан Чакмакоски и Андон Јованоски – Аша. Премиерата на оваа комедија според најавите ќе биде одиграна кон крајот на овој месец. (М.Т.)
|