12.10.2012, 15:57 (ФОТО) На Скопје му треба катализатор за развивање на креативната мисла
Учесниците на „Скопска недела на архитектура“ поттикнуваат создавање подлога за подобра комуникација меѓу архитектите и пошироката јавност
ФОТО: Киро Попов
„Нужно е да се создаде атмосфера која треба да го зацврсти ставот за продолжување на духот на современото, а од друга страна да се задржи генералниот критериум околу местото на Скопје во очите на светот“, порачуваат организаторите на „Скопската недела на архитектура“.
Овој фестивал вчера во Македонската опера и балет и официјално ги отвори вратите за многубројни светски архитектонски имиња и создаде подлога за многубројни предавања, дискусии, размена на искуства, работилници, изложби и перформанси од доменот на урбанизмот и архитектурата. Темата „Суперград“ начна директна комуникација меѓу архитектите и пошироката јавност.
Иван Мирковски, кој е дел од организацијата на „Скопска недела на архитектура“ вели дека постоењето на овој фестивал има огромно значење. Со негово случување во физикусот на Скопје организаторите се обидуваат да имплементираат катализатор за развивање на креативната мисла, како и лост кој ќе ги прошири интелектуалните видици.
„Нам ни е јасно дека на тој лост ќе му биде потребно многу сила за да ги размрда закоравените механизми на перцепцијата. Нам ни е јасно дека тој катализатор треба да биде создаден од огромен број комплексни соединенија кои се' уште не виреат на нашите простори. Но, ние веруваме во четвртата димензија, а тоа е времето“, рече Мирковски на воведната вечер од „Скопје недела на архитектура“.
На свеченото отворање свое предавање имаше австрискиот професор Ерих Рајт, а присутен беше и австрискиот амбасадор Томас Мајкл Баер, кој зборуваше за комплексноста на Скопје и различните архитектонски градби и култури.
„Во Скопје сум дојден неодамна, но ова е град кој е микс на ориентални и европски традиции. Треба повеќе вакви собири кои ќе придонесат за воздигнување на таа култура на повисоко ниво“, смета амбасадорот Баер.
Како дополнување на главната програма, но и анимирање и едуцирање на скопјани, организацискиот одбор реализира активности во урбаното градско ткиво за промоција на активен и јавен културен живот. Кај Градски ѕид се изведува театарски перформанс во режија на Нина Николиќ, на отворен простор зад „Сити галери“ има изложбена поставка, а во Маџар Маало – филмски проекции.
Во позначајните случувања се вбројува гостувањето на врвниот јапонски архитект Кенго Кума, кому организаторите ќе му врачат посебно признание за животно дело во архитектурата и урбанизмот. Меѓу присутните професори и архитектонски групации се и „Урбан Урбан Тинк-тенк“ од Швајцарија, „Енота“ од Словенија, Нуно Брандао Коста од Португалија, „Абаутбленк“ од Турција, Буергер Катсота од Грција и Британците „Диверсити“ и Марк Фурнивал.(Б.Ш.)
|