12.10.2012, 12:06 Антиќ и Мекејлеб почнаа со победа
Фенербахче на Макејлеб (17 поени) го совлада Химки со 92:80, а европскиот првак Олимпијакос на домашен терен беше подобар од Каха Лаборал со 85:81
Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ, и неговиот Олимпијакос со победа ја почнаа одбраната на шампионската титула во Евролигата, откако на домашен терен ја совладаа Каха Лаборал со 85:81. Антиќ во игра помина нецели 20 минути, постигна девет поени и додаде три скока.
Во првото коло од новото издание на најелитното европско клупско натпреварување блескаше Лестер Бо Мекејлеб. Македонскиот репрезентативец повторно беше еден од најзаслужните за триумфот на Фенербахе Улкер над Химки од 92:80. Мекејлеб средбата ја заврши со 17 поени, три скока и по една асистенција и украдена топка за 26 минути во игра.
На стартот без победа останаа Владо Илиевски и Предраг Самарџиски.
Цедевита беше убедливо совладана на гостувањето кај Жалгирис со 90:62, а Илиевски за 22 минути на паркетот реализира осум поени. Самарџиски и неговиот Литвос Ритас немаа среќа на гостување кај ЦСКА, каде што беа поразени со 75:73. За 23 минути, македонскиот центар забележа по пет поени и скокови, како и една украдена топка.
Резултати од првото коло, група А: Фенербахче Улкер - Химки 92:80, Канту - У.Олимпија 71:84. Група Б: Палон - Проком 81:74. Група Ц: Жалгирис - Цедевита 90:62, Олимпијакос - Каха Лаборал 85:81. Група Д: ЦСКА - Литвос Ритас 75:73.
|