12.10.2012, 09:53 Дебатата Бајден-Рајан со чести прекини и меѓусебни обвинувања
Кандидатите за потпретседател на САД, демократот и актуелен заменик шеф на државата Џо Бајден и републиканскиот конгресмен Пол Рајан, се соочија синоќа во многу поинаква дебата од онаа меѓу претседателските кандидати Барак Обама и Мит Ромни минатата недела.
На вчерашното соочување што се одржа во Денвил во сојузната држава Кентаки, Бајден и Рајан се судрија по прашањата на економијата, надворешната политика и нападот во Бенгази, како и за улогата на религијата, во дебата со чести прекинувања, особено од страна на Бајден.
Двајцата кандидати лично се напаѓаа меѓу себ��, а не ги штедеа ниту претседателските кандидати. Бајден посочи на тајно снимената изјава на Мит Ромни дека 47 проценти од Американците, кои не плаќаат данок на приход или примаат социјална помош се гласачи на Барак Обама.
- Ништо не ме изненадува од човек кој рече дека 47 проценти од Американците не сакаат да преземат одговорност за своите животи. Овие луѓе се мајки и татковци, со нив растеме, тие се моите соседи. Тие плаќаат повеќе вкупен данок отколку што гувернерот Ромни плаќа данок на приход, обвини Бајден.
Рајан возврати со примери како Мит Ромни одвоил време и пари да им помага на луѓе кои поминуваат низ тешкотии во животот.
- Мит Ромни е човек кој донира една третина од својот приход за добротворни цели, повеќе од мене и тебе собрани заедно. Мит Ромни е добар човек кој се грижи за 100 проценти од американските граѓани. А што се однесува до таа изјава на Мит Ромни, потпретседателот добро знае дека некогаш зборовите не излегуваат од твојата уста како што треба, одговори Рајан, алудирајќи на честите гафови на потпретседателот Бајден.
Покрај личните напади, конгресменот Рајан го обвини Бајден дека неговата администрација доживеала целосен распад на политиката кон Блискиот Исток, со неможноста да го спречат Иран во развивањето на нуклеарно оружје, со губењето на влијанието на САД врз земјите зафатени од Арапската пролет и особено со нападот во Бенгази во кој беше убиен американскиот амбасадор во Либија. Рајан се заложи за надворешна политика заснована врз силна воена моќ.
- Ако се спроведат планираните намалувања во одбраната, ќе имаме најмала воена флота по Првата светска војна. Тоа ќе предизвика слабост, обвини Рајан.
Бајден ги отфрли обвинувањата за слабоста на надворешната политика.
- Претседателот Обама ги обнови нашите сојузи, за остатокот на светот повторно да може да не следи, изјави Бајден.
Анкетите спроведени по дебатата се поделени по прашањето кој од двајцата кандидати подобро се претставил. Неполн час по дебатата, Републиканската партија веќе го објави првиот спот – критика за Бајден, во кој ги издвојуваат гримасите и честото смеење на демократскиот кандидат за време на дебатата.
Ако првата дебата помина во знак на неочекуваната молчаливост на претседателот Обама, Бајден честопати дофрлаше додека зборуваше Рајан. Во еден момент републиканскиот противкандидат го замоли да не го прекинува.
- Знам дека мораш да го надоместиш загубеното во првата дебата, но мислам дека би било подобро за гласачите ако не се прекинуваме еден со друг, изјави Рајан.
Следната дебата е меѓу претседателските кандидати Обама и Ромни ќе се одржи на 16 октомври во Њујорк. (МИА) |