12.10.2012, 12:10 САД под закана од „кибернетски Перл Харбор“
Министерот за одбрана на САД Лион Панета синоќа предупреди дека е можно САД да станат објект на „кибернетски Перл Харбор“, а странски хакери може да го блокираат енергетскиот, финансискиот и транспортен систем на земјата, соопшти „Фајненшел тајмс“.
Во својата мрачна оценка за потенцијалните опасности пред САД, Панета изјави дека кибер нападите се во состојба „да ја парализираат и шокираат земјата и да додадат совршено нова смисла на нејзината ранливост".
Во говор пред бизнисмени во Њујорк шефот на Пентагон забележа дека Кина и Русија развиваат свој кибернетски потенцијал, а напредок во овој правец прави и Иран.
-Тие можат од шините да извадат возови, натоварени со смртоносни хемикалии. Но, исто така, можат да ја загадат водата во големите градови или да го запрат преносот на електрична енергија во големи делови на земјата, рече Панета.
Како екстремна закана тој ја посочи можноста хакери да им нанесат штети на клучни воени и комуникациски мрежи.
Лион Панета не посочи кој би можел да ги изврши таквите напади, но во натамошниот говор посочи дека САД треба многу да го засилат дијалогот и транспарентноста со Кина, во однос на нејзините кибернетски унапредувања, за да се спречат „недоразбирања и погрешни оценки“.
Како пример за постоењето на кибер напади министерот за одбрана на САД го даде упадот на вирус во компјутерите на саудиската нафтена компанија „Арамко“, што резултираше со замената на важни фајлови со запалено американско знаме. |