12.10.2012, 10:01 Украина ќе престане да купува руски гас
Важечките украински гасни договори со Русија придонесоа Киев да вложи огромни средства во истражување и развој на наоѓалиштата на нафта и гас и да се преориентира на технологии што штедат енергија, изјави денеска украинскиот премиер Николај Азаров.
Тој смета дека Русија само привремено извлекува профит од гасните договори од 2009 година и дека постепено ја губи Украина како свој најголем потрошувач на гас.
Напорите што ги презема Киев за намалување на зависноста од руски гас ќе доведе до тоа Украина еден ден да одбие да купува гас по толку висока цена, смета украинскиот премиер.
- Порано или подоцна ќе дојде времето кога од Русија нема да купуваме ништо по таква цена, укажа Азаров.
Тој истакна дека е веќе дојдено времето за активно воведување на енергетски ефикасни технологии во Украина.
Украинскиот премиер нагласи дека гасното прашање во многу нешта ги одредува односите меѓу Москва и Киев, и изрази надеж дека односите меѓу овие две земји ќе бидат партнерски и пријателски „ и во следните стотиции години“.
Со руско-украинскиот гасен договор од 2009 година, потпишан од тогашната премиерка Јулија Тимошенко, Украина е обврзана да купува годишно по 52 милијарди кубни метри руски гас, иако има потреба од едвај половина од ова договорено количество. |