13.10.2012, 20:40 Промовирана текстилна лабораторија на Технолошкиот факултет
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, министерот за образование и наука Панче Кралев и деканот на Технолошко - металуршкиот факултет Александар Димитров денеска ја промовираа научно-истражувачката текстилна лабораторија.
Лабораторијата чија вредност е околу 450 илјади евра, ќе служи, пред се, за научно-истражувачки цели и ќе помогне во развојот на индустријата во Македонија.
Министерот Кралев потенцира дека оваа лабораторија ќе придонесе за развојот на текстилната индустрија во Република Македонија и ќе му помогне на самиот факултет во однос на научно-истражувачката работа.
- Оваа лабораторија е дел од проектот за набавка на научно-истражувачки лаборатории на Владата, проект кој континиурано се спроведува. Досега се набавени и инсталирани околу 85 лаборатории, а вкупниот број е 190 - број кој треба да го постигнеме следниот период. Интензивно, како течат набавките на лабораториите, така тие се доставуваат до факултетите и се промовираат, рече Кралев.
Тој информира дека научно-истражувачката текстилна лабораторија е една од најмодерните од овој вид. Со деканот, како што рече, веќе договориле следната недела да ја презентираат и пред текстилните кластери од стопанските комори.
- Оваа лабораторија, пред се служи за научно-истражувачки цели и за да помогне во развојот на индустријата, односно малите, средни и големи претпријатија да го напуштат системот на лон производство и да преминат на систем на целосен пакет, што значи од материјал набавка, преку дизјанирање и создавање сопствен македонски бренд, изјави Димитров.
На тој начин, како што рече, компаниите ќе можат да создаваат неколкукратно поголем профит од овој што во мометов го создаваат преку лон производство.
|