10.10.2012, 15:59 Во сеопштата политизација МАНУ мора да ја одбрани науката
Распната меѓу обвинувањата дека е пасивна научна институција која молчи кога од неа се очекува силен глас при донесувањето на клучни општествени одлуки и дека всушност е исполитизирано друштво на суети, без витален рефлекс, а не јадро на мозоци, Македонската академија на науки и уметности ја прослави 45 годишнината од своето постоење.
Претседателот Владо Камбовски на денешната свечена седница предупреди дека во актуелната политизација на сите сфери на македонското мултинационално, мултиконфесионално и мултикултурно општество Академијата не само што мора да ја зачува својата автономност и дигнитет, туку треба безрезервно да се заложи за зачувување на автономноста на науката.
„Вистинска ориентација мораат да претставуваат највисоките научни и уметнички вредности, кои може да се достигнат во услови на толеранција и дијалог, согласно постулатите на мултикултурализмот“, рече Камбовски, додавајќи дека МАНУ и припаѓа на целата македонска наука и култура, без етничка, политичка, идеолошка, културна и друга обоеност.
Во изминатиов период во МАНУ, која е горда на своите први истражувачки центри за енергетика, информатика и материјали, потоа на Институтот за генетско инжинерство, Лекискографскиот центар и Центарот за стратегиски истржаувања, членуваа 95 редовни членови, од кои 45 се актуелни.
„Ова е прилика да им се изрази искрена благодарност за нивните заслуги на сите претседатели на МАНУ: Блаже Конески, Михаило Апостолски, Јордан Поп Јорданов, Ксенте Богоев, Георги Ефремов, Матеја Матевски, Цветан Грозданов и Георги Старделов“, рече Камбовски.
Претседателот Ѓорге Иванов побара МАНУ поактивно да се вклучи во решавањето на актуелните проблеми.
„Верувам дека МАНУ своето акумулирано знаење, искуство и мудрост, целосно ќе го стави во функција на изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочуваме“, рече Иванов.
Интернационалната награда „Блаже Коневски“ за заслуги во ширењето на македонската култура и јазик ја добија Олга Панкина, Петар Рау и Зденка Рибарова. (Н.К.)
|