12.10.2012, 10:13 „Кока-Кола Хеленик“ се сели во Швајцарија
Втората по големина фабрика за производството на брендовите на „Кока-Кола“ во светот, „Кока-Кола Хеленик“, соопшти дека планира да го пресели своето седиште од Грција во Швајцарија и да почне со котација на нејзини акции на Берзата во Лондон.
- Новото седиште во Швајцарија ќе ни овозможи стабилност. Поголема стабилност е она на што се радуваме. Оперативниот комитет ќе се наоѓа во Швајцарија и во стратешка смисла со компанијата ќе се управува од Швајцарија, изјави извршниот директор на „Кока-Кола Хеленик“, Димитриос Лоис.
Според Лоис, за остварување на ваквиот план, „Кока-Кола Хеленик“ ќе изврши замена на акции со новоформираната швајцарска компанија „Кока-Кола ХБЦ“.
- Ние ќе бидеме грчка мултинационална компанија со седиште во Швајцарија, дополни Лоис.
„Кока-Кола Хеленик“ смета дека со преселбата на седиштето од Грција во Швајцарија ќе си обезбеди полесен пристап до капитал и ќе осигура поголема флексибилност при подигнувањето нови средства.
Покрај, преселбата во Швајцарија, Лоис најави дека „Кока-Кола Хеленик“ планира да започне со котација на нејзините акции на Берзата во Лондон, паралелно со котацијата на Атинската берза.
- На Атинската берза доминираат претежно домашни компании, додека Лондонската берза е попогодна за нас имајќи ги предвид нашите меѓународни активности, потенцира Лоис.
Во вториот квартал од годинава „Кока-Кола Хеленик“ забележа профит од 127,8 милиони евра, што претставува негов пад од 13 отсто на годишно ниво. |