12.10.2012, 14:24 Новиот заем од 250 милиони евра се' поизвесен
Она што неодамна го најави министерот за финансии Зоран Ставрески, дека идната година ќе биде земен кредит од околу 250 милиони евра, денеска и го договорил во Токио, каде што присуствува на годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.
Дел од кредитот во износ од 50 милиони евра земјава ќе ги добие од СБ, додека за другите 200 милиони евра ќе гарантира оваа меѓународна финансиска институција, а ќе се земат од комерцијални странски банки.
Како што пренесе МИА, ММФ и СБ, пред Ставрески и пред гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, уште еднаш потврдиле дека Македонија води здрави економски политики, дека тие се задоволни како земјава се справува со европската криза, и дека се подготвени и финансиски да ги поддржат економските политики со 250 милиони евра.
Според Ставрески, претставниците од двете меѓународни институции биле задоволни што земјава, како што нагласил, одржува ниско ниво на буџетски дефицит и државен долг.
„Особено од нивна страна беше потенциран фактот дека одржуваме ниско ниво на буџетски дефицит и државен долг, кои се едни од најгорливите проблеми во Европа. Позитивно беше оценето и решавањето на прашањето на долгот кон фирмите“, изјави Ставрески.
Светска банка најавила дека ќе ја изрази својата поддршка и во финансиска смисла, и преку два клучни проекти, како што посочи Ставрески, ќе се обезбедат 250 милиони евра заклучно со почетокот на следната година. На средбата со потпретседателот на СБ, Филип Леру, се зборувало за обезбедување директна буџетска поддршка од банката во висина од 50 милиони долари, до крајот на годинава, како и за гаранцијата од СБ за средства што Македонија треба да ги добие од деловните банки на пазарот на капитал, во висина од 200 милиони евра, кои се очекуваат во почетокот на следната година.
„Поради квалитетните економски политики СБ застанува зад нас со гаранција која ќе ја намали цената, односно каматната стапка на тие средства. Во почетокот на следната година тоа би требало да биде одобрено од Бордот на СБ. Ова значи дека дека вкупно 250 милиони евра очекуваме СБ да и' даде на Македонија по овие две операции. Но, ќе има и други инвестициски проекти во енергетиката, како Луково Поле и други проекти, кои СБ планира да ги поддржи во Македонија“, вели Ставрески.
Средствата треба да бидат наменети за финансирање на буџетот и буџетските потреби. „Ќе ги користиме за целокупната реализација на буџетот во текот на следната година и тие ќе бидат доволни за редовно да ги намируваме сите п��треби, значи нема друг инструмент кој ќе се користи во таа насока“, изјави министерот.
Според Ставрески, македонската Влада веќе подолго време работела по рецепт, кој денеска го препорачала и директорката на ММФ, Кристин Лагард, а тоа се високи капитални инвестиции. „Настојуваме во секој буџет да обезбедиме доволно голем износ за капитални инвестиции. Буџетот за следната година кој сега го подготвуваме ќе содржи повисоко ниво капитални инвестиции, она максимално што можеме како земја да го дозволиме. Ќе предвидиме средства за крупни проекти од инфраструктурата, како што е Коридорот 10, пругата на Коридорот 8 кон Бугарија - првиот дел од Куманово до Бељаковце, а ќе има средства и за гасификација, за продолжување на некои регионални патишта и слично“, најави од Токио првиот финансиер.
Инаку, пред неколку дена министерот во Скопје изјави дека со средствата што ќе бидат земени од новиот кредит од 250 милиони евра, ќе се исплати и еврообврзницата во износ од 175 милиони евра, што достасува во јануари идната година.
Ова би значело дека на стартот на идната година долгот на земјава повторно ќе се зголеми на нето-основа, со оглед на тоа што ќе се задолжиме за 250 милиони, а ќе се раздолжиме за 175 милиони евра.
Во моментов, односно заклучно со крајот на август, вкупниот јавен долг на земјава е на ниво на 29,8 отсто од БДП, или 2,364 милијарди евра во апсолутен износ.
Пред неколку дена, пак, постојаниот претставник на ММФ во Скопје, Александар Тиеман, иако потенцираше дека македонската економија е мошне стабилна и долги години наназад се одржува и монетарната, и фискалната стабилност, односно „дефицитот и јавниот долг се одржуваат на средно ниво“, сепак презентираше и неколку предизвици. Еден од нив, како што објасни, е дека понатаму не треба да се зголемува јавниот долг. „На среден рок не треба да се оди на зголемување на јавниот долг, тој треба да остане на сегашното ниво. Наша суге��тија е дека буџетскиот дефицит треба да се одржува на ниво не повеќе од 1,5 отсто од БДП“, рече пред неколку дена Тиеман на експертска дебата.
И Европската комисија, во економскиот дел од својот извештај за земјава, констатираше дека јавниот долг значително пораснал. „Државниот долг се зголеми на околу 30 отсто од БДП во јули 2012, во споредба со околу 25 отсто една година претходно. Тоа главно се должи на зголемување на домашното кредитирање“, се вели во извештајот на ЕК. (Н.Н.Ф.) |