12.10.2012, 16:10 СДСМ: Владата да признае дека економскиот дел од извештајот е негативен
„Јасно е дека Европската комисија со дипломатски јазик ни соопштува дека европската криза нема никаква врска со тоа што нема напредок во економската политика, дека Владата не ја исполнила законската обврска и не ја ажурирала стратегијата за јавниот долг и дека продолжува да ги троши парите на граѓаните на лош начин и нетранспарентно“, изјави на денешната прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски.
Тој додаде дека иако во целина извештајот е оценет како позитивен и препорачува подготвеност за преговори, непристојно е Владата да го оцени позитивно економскиот дел. „Ја повикуваме Владата да не ги игнорира и да ги признае забелешките на ЕК, да посочи чија е одговорноста за неизвршувањето на законските обврски на кои укажува Комисијата и во најкус рок да им претстави на граѓаните детален план за тоа како ќе ги надмине овие сериозни слабости“, рече Јовановски.
Тој додаде дека нема напредок во хармонизацијата на легислативата во индиректното и директното оданочување, како и тоа дека состојбата на пазарот на работна сила е слаба, невработеноста продолжува да биде многу висока, особено кај младите и помалку образованите, што се причини за голема загриженост. (Ек.Р.) |