12.10.2012, 09:30 Стејт департментот бара придвижување на разговорите за името
Американскиот помошник државен секретар Мајкл Хамер ги повика Македонија и Грција да бидат активно ангажирани за разрешување на спорот за името
Американскиот помошник државен секретар, Мајкл Хамер, ги повика Македонија и Грција да бидат активно ангажирани за разрешување на спорот за името. На прес-конференција, Хамер зборуваше за извештаите за напредок објавени од Европската Комисија и ја изрази поддршката на САД за реализирање на евро-атланските аспирации на земјите од Балканот.
- Ние секако ги поддржуваме напорите на Обединетите нации и обидите да се промовира решение на спорот меѓу Македонија и Грција. Имаме тековни активности на Метју Нимиц да се разреши ова прашање, се надеваме во кус рок. Го охрабруваме активниот ангажман на Атина и на Скопје, изјави Хамер.
Државниот помошник секретар за јавни прашања, потсети дека Македонија беше тема на разговори на државниот секретар Хилари Клинтон на состанокот за земјите аспиранти за членство во НАТО, Македонија, Црна Гора, Босна и Грузија, на самитот во Чикаго.
- Ние во САД навистина би сакале ова прашање да се разреши и Македонија да се зачлени во НАТО во најраната можност. Повторно, ги охрабруваме двете страни да го разрешат ова и се надеваме дека решение може да се постигне, изјави Хамер.
На прес конференцијата, на прашањето дали патот на Србија кон ЕУ е блокиран доколку не го признае Косово, Хамер одговори дека САД остануваат посветени на евро-атланската иднина на сите балкански држави.
- Ги поттикнуваме сите земји од регионот сериозно да ги прифатат извештаите на ЕУ за напредокот и да ги разгледаат препораките, за да ги подобрат своите кандидатури за членство во ЕУ. САД е посветена на градењето стабилен и просперитетен балкански регион и ќе работи тесно со пријателите од Европската Унија да им помогнеме на сите земји од регионот да ги остварат своите европски и евроатлански аспирации, изјави Хамер. |