09.10.2012, 18:43 Антиќ ограбен во Атина
Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Перо Антиќ во текот на вчерашниот ден преку својот профил на „Фејсбук“ објави дека во својот дом во Атина имал непоканет гостин. Имено, додека членот на грчки Олимпијакос бил во спалната соба што се наоѓа на четвртиот кат, еден кат подолу во дневната соба крадец оперирал по станот, главна цел биле клучевите од неговиот автомобил „ауди А7“ и паричникот „гучи“.
„Ја сакам Грција. Ова е единственото место каде што истовремено додека си во спалната соба на четвртиот кат, имаш крадец на третиот кат, кој не ти зема ништо друго освен клучевите од ’А7’ и паричникот ’гучи’. Ги сакам и ги почитувам луѓето со стил :)). Верувајте ми, бев доста изненаден, кога влегов во кујната да земам нешто за пиење видов како некој трча накај балконот. Се прашувам дали ова е нормално“, Антиќ оваа информација ја сподели со своите пријатели на профилот на „Фејбук“.
Она што е најважно е дека македонскиот репрезентативец е добар, односно не настрадал при грабежот, а засега останала и „А7“ од кој крадецот ги има клучевите. (М.К.) |