10.10.2012, 18:44 „Блесок“ ја објави „Патагонија“ од словачкиот писател Душан Митана
Деновиве во издание на „Блесок“ излезе од печат романот на словачкиот писател Душан Митана под наслов „Патагонија“, чиј превод од словачки е на Звонко Танески.
Душан Митана (1946, Моравске Лиескове) е прозаист, филмски и телевизиски сценарист, поет и публицист, кој спаѓа во редот на најзначајните и најчитаните писателски имиња во современата словачка литература. Со своите дела тој им се придружува на авторите кои во шеесеттите и во седумдесеттите години на дваесеттиот век ја создаваа алтернативната варијанта на книжевното творештво поставена во опозиција кон официјалните тенденции на домашната социјалистички ориентирана литература. Книгите на Митана од самите почетоци им се најомилени, пред се', на помладите читателски генерации.
Звонко Танески во поговорот на книгата ќе запише: „Ако продолжиме со подетално толкување на делото ’Патагонија‘ од Душан Митана, можеме да соопштиме и дека Патагонија е земјата каде што раскажувачот најрадо патувал кога бил многу млад. Секако, тоа е сонуваната земја за која тој дознал од разговорите со својот татко. Претставата за непознатата земја, во секој случај, кореспондира со претставата на младиот човек за возрасната доба - а таа е небаре ’непозната‘ земја и понекогаш се чини дека е полна и со бесмисленост, лаги и парадокси.“
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Комисијата СЛОЛИА при Литературно-информативниот центар во Братислава, Република Словачка. (Т.И.) |