11.10.2012, 13:48 МВР со посебни безбедносни мерки пред мечот со Хрватска
Во периодот од 17 часот ќе бидат сообраќајно регулирани и приодите од булеварот Илинден кон националната арена, односно ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници
Полицијата за утре планира посебни безбедносни мерки околу националната арена „Филип Втори“ во Скопје пред фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Хрватска. Ќе има засилено полициско присуство и поголема контрола на сообраќајот.
- МВР планира да преземе посебни безбедносни мерки со цел непречено организирање и одигрување на натпреварот. Во рамки на сообраќајниот режим од 12 часот ќе биде затворен сообраќајот од крстосниците на улиците Ленинова и Јордан Хаџи Констанинов-Џинот кон фудбалскиот стадин, и ќе бидат пропуштани само возила со посебни пропусници. Исто така, во тој период ќе биде расчистен сообраќајниот и паркинг просто во непосредна близина на стадионот - велат во МВР.
Во периодот, пак, од 17 часот ќе бидат сообраќајно регулирани и приодите од булеварот Илинден кон националната арена, односно ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници и други итни потреби. МВР апелира до граѓаните, особено оние коишто со возила ќе се упатуваат кон националната арена, во посочениот период од 17 часот да ги почитуваат сообраќајните правила и да ги паркираат своите возила на дозволени паркинг простори.
|