11.10.2012, 13:06 Заврши фестивалот „Албански театар во Македонија“
По шест фестивалски дена и осум видени претстави, синоќа во Дебар, со прогласување на најдобрите заврши единаесетото издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“
Пред преполна сала во Центарот за култура, последни пред дебарската публика се претставија актерите од Националниот театар од Приштина, со пиесата „Куќа на продажба“ во режија на Фадил Хисај. Токму оваа претстава стручното жири ја прогласи за најдобра на годинешениот фестивал. Наградата за најдобра режија им припадна на Флорент Мехмети и Лирак Челај од театарот „Ода“ од Приштина, за претставата „Последна станица“. И наградата за најдобар актер замина во Приштина, во рацете на Арт Ислами, од театарот „Ода“, додека за најдобра актерка беше прогласена Марсела Лена од Меторполитен театарот од Тирана, кој се претстави со пиесата „Карневалите на Корча“.
Стручното жири, предводено од Веби Ќерими од Албанскиот тетар од Скопје, одлучи на театарот од францускиот град Ив, кој настапи вон конкуренција, да му додели специјална награда.
Фестивалот финансиски е поддржан од Министерството за култура, локалната власт и фирми од Дебар. На последната фестивалска вечер присуствуваше и потпретседателот на македонската влада, Муса Џафери.
|