08.10.2012, 13:08 Благој Нацоски ќе пее на Сардинија во „Ромео и Јулија“
„На сцената ќе има многу крв, а се бориме со вистински ножеви. На првите проби се здобив и со мала повреда на раката, токму во сцената каде го убивам Меркуцио, побратимот на Ромео“, вели Нацоски кој го игра Тибалт
По долгиот ангажман на летниот фестивал во Халвил, Швајцарија, каде што македонскиот тенор Благој Нацоски отпеал 13 претстави во улогата на Грофот Алмавива во операта „Севилскиот берберин“ од Росини, како што вели, неговите активности продолжуваат на италијанскиот остров Сардинија. Се работи за нова продукција на операта „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно, која ќе биде изведена во театарот „Верди“ во Сасари на 12 и 14 октомври, каде Нацоски ја толкува улогата на Тибалт.
Како Ромео ќе настапи французинот Жан Франсоа Борас, а Јулија ќе биде турчинката Бурчу Ујар. Во интернационалниот состав кој деновиве ги привршува последните проби, ќе диригира Серхио Алапонт од Шпанија, а режијата му е доделена на Андреа Чињи. Инаку за македонскиот тенор ова ќе биде второ искуство во оваа улога, откако одбележа голем успех со истата на дебито во Театарот „Карло Феличе“ во Џенова во февруари годинава, заедно со славниот Андреа Бочели.
„Улогата на Тибалт ја играм по втор пат во мојата кариера, но оваа продукција е многу повозбудлива од претходната, затоа што дејствието е преместено во 50-тите години на 20. век. Режијата е полна со акција, особено во мојот лик од кого режисерот бара максимална физичка активност. На сцената ќе има многу крв, а се бориме со вистински ножеви. На првите проби се здобив и со мала повреда на раката, токму во сцената каде го убивам Меркуцио, побратимот на Ромео“, вели Нацоски.
По двете претстави на Сардинија, Нацоски ќе одржи рецитал во Рим, целосно посветен на македонските композитори, а потоа следуваат настапи во Токио и Ниигата, Јапонија, како и една светска премиера. (Т.И.)
|