09.10.2012, 12:18 „Сребрен Џед“ за македонскиот филм „Човекот со чудна навика...“
Филмот на Вардан Тозија е прв македонски филм кој освоил награда на Интернационалниот филмски фестивал во Луксор, Египет
Краткометражниот игран филм „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на режисерот Вардан Тозија, е добитник на наградата „Сребрен Џед“ во официјална конкуренција, на Интернационалниот филмскиот фестивал во Луксор, Египет. Оваа награда, за која годинава одлучуваше тричлено жири, првпат ја добива македонски автор.
Инаку, Џед претставува антички египетски хиероглифски симбол, тоа е стар Осириски божји симбол кој ја означува сржта на препородот, новиот почеток.
Оваа награда всушност, е нов почеток на фестивалскиот живот кој следи за филмот на Тозија. Само да потсетиме, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ е создаден според сценарио инспирирано од краткиот расказ на аргентинскиот писател Фернандо Сорентино. Оваа фелиниевска комедија, распослана низ сивилото на правливите сокаци и напукнатите згради на Скопје, ја раскажува приказната за Петар, локален маргиналец и дежурен губитник, кому секој нареден ден е полош од претходниот - главно поради неговата инертност, повлеченост и неспособност да се справи со сопственото секојдневие. Се' додека еден ден, мистериозен, безимен, молчелив посетител не се појави од никаде и комплетно му го менува животот. (Т.И.)
|