09.10.2012, 12:04 Парамоунт ќе гради тематски парк од 2,5 милијарди евра
Паркот ќе се гради во Велика Британија, а холивудскиот филмски гигант со него планира да му парира на Дизниленд во Париз
Холивудскиот филмски гигант Парамоунт планира да изгради тематски парк во Велика Британија, со кој би му парирал на Дизниленд во Париз.
Компанијата го претстави идејното решение за тематскиот парк, кој ќе чини 2,5 милијарди евра и ќе вработува 27 илјади луѓе.
Ова место ќе го има најголемиот воден парк во затворено во Европа, а ќе има и театри, сали за концерти во живо, кина, ресторани, хотели и други атракции и ќе биде двојно поголем од Олимпискиот парк во Лондон.
Водачот на проектот Тони Сефтон рече дека станува збор за најголемиот британски проект по Летните олимписки игри, а тематскиот парк би требало да се гради шест години доколку Владата на Британија даде зелено светло.
- Нашата визија е да создадеме дестинација за забава од светска класа, прва од таков вид во Велика Британија. Задоволни сме од реакциите на инвеститорите. Ние сме на почетокот на еден долг пат, но охрабрени сме од поддршката што ја добиваме, нагласи Сефтон.
Парамоунт во САД имаше шест тематски паркови до 2006 година, кога ги продаде за време на реорганизацијата на компанијата. Во моментов гради тематски парк во Шпанија, а се предвидува, кога ќе биде отворен во 2015 година, годишно да привлекува три милиони посетители. |