07.04.2010, 16:36 „Градот на културата“ прв пат во Скопје
Манифестацијата официјално утревечер се отвора во Кавадарци со свечен концерт
Катерина Богоева
Годинешниот град на културата Кавадарци е првиот кој пред официјалниот старт на оваа манифестација во самиот град, вчера се претстави и во Скопје, на платото пред Домот на АРМ, од каде што градоначалникот Александар Панов ги повика сите граѓани од земјава да присуствуваат утревечер на свеченото отворање.
Во Градската галерија при Домот на културата во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Прозорец во ентериерот“ на сликарот, Владимир Темков, а еден час подоцна, на плоштадот во Кавадарци, актерот Петар Темелковски ќе го изведе монологот „Синови на светлината“ по што и ќе следува концерт на Гордана Јосифова - Неделковска на обоа и Биг Бендот на Факултетот за музичка уметност од Скопје. Како гости солисти ќе настапат Страшо Темков на флејта, Влатко Стефановски на гитара и Теодосиј Спасов на кавал кои ќе ја изведат традиционалната македонска песна „Параходот ми пристигна“ во аранжман на Кире Костов, како и дела од Ј .С.Бах, Ј.Хајден, Е.Мориконе и неколку народни и традиционални песни и танци.
Во рамките на веќе започнатата програма, до крајот на годината е најавено реализирање на околу 150 проекти, ликовни, археолошки изложби, концерти со различен вид на музика, промоции на книги, театарски и филмски претстави, а утре треба да биде готов и соодветниот каталог со детален распоред на планираните настани. Вчера, сликарот Владимир Темков кој е и директор на кавадаречкиот Дом на културата ги издвои: ликовната колонија „Кавадарци“, настапот на Драган Даутовски, на групата „Синтезис“, на Македонската филхармонија, како и театарската претстава „Тапани во ноќта“ на Народниот театар од Прилеп и настапот на аматерскиот театар од Кавадарци. Градоначалникот Панов пак најави и презентација на културни содржини од Австралија и од Африка, но не сакаше да открие никакви детали, кој и со што ќе гостува. Изјави и дека на граѓаните на Кавадарци освен материјална, им е потребна и духовна храна, а потенцираше дека најголем дел од активностите ќе бидат реализирани на пролет и во есен, кога поради работите на поле, публиката е далеку побројна.
Вчерашната прва презентација на манифестацијата „Град на културата“ во Скопје што неколку години наназад се реализира со одлука на Министерството за култура, не ги исполни очекувањата. Водителката-актерка Катерина Шехтанска - Лаковски ја водеше програмата во исклучително бледо издание, а планираното, поради недоволно осмислениот концепт, не беше сеопфатно презентирано. На присутните граѓани вниманието им го задржа настапот на Квартерт флејти и, очекувано, традиционалната храна и виното и ракијата од Кавадарци со кои бесплатно се послужија. |