Број 3155  среда, 09 декември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Култура

Театарот на Стоби ќе добие монографија

За археологот Елизабет Гебхард, театарот е важен споменик за разбирање на процесот на пренесување на идеите во архитектурата

Катерина Богоева


Археологот д-р Елизабет Гебхард од Универзитетот во Единбург, годинава два пати го посети локалитетот Стоби, што го истражувала и во 70 - тите години на минатиот век, во рамки на обемниот, неколкугодишен американско - југословенски истражувачки проект, како дел од тимот предводен од познатиот Џејмс Вајсман. Последен пат го посетила во 1981 година, но сеуште нејзиниот стручен интерес е насочен кон античкиот театар, за кој подготвува и монографија која според најавите треба да биде отпечатена идната година. Воедно, тоа ќе биде и првото такво издание за објектот што годинава го истражуваше тимот на Националната установа „Стоби“.

Гебхард години наназад го истражува локалитетот Истмија на Коринт, со посебен интерес на светилиштето на Посејдон, за што и говори во разговорот воден по посетата на Стоби, каде ги разменуваше искуствата со помладите македонски колеги. Запрашана за спецификите на театарот од историска гледна точка, спореден и со таквите објекти во другите антички градови, изјави:

„Театарот во Стоби е важен споменик за разбирање на процесот на пренесување на идеите во архитектурата. Инспирацијата за изгледот во неговата прва фаза датирана на крајот од првиот век од нашата ера, се чини дека потекнува од театрите во североисточна Италија. Во средината на вториот век тој бил преправен, кога бил прифатен моделот на комбиниран театар, попознат во југоисточна Мала Азија. Отсуството на проскениум, односно бина во втората фаза, го прави практично уникатен меѓу театрите во империјата. Неговата архитектура била адаптирана за изведување на програма која вклучува музика, танцување, гладијаторски игри и борби со диви животни“. А на прашањето, дали е задоволна со неговото одржување, и воопшто со одржувањето на локалитетот, одговори со укажување дека градбата е оштетена од временските неприлики, но и од употребата за модерни изведби.

„За да се сочува театарот, секако дека се потребни обемни конзерваторски зафати на субструкцијата и мермерните елементи“.

Својата книга за овој објект практично ја завршила во 1981 година, во време кога американскиот тим повеќе не го истражувал локалитетот. „Се вратив да соработувам со сегашниот проект за ископување во Стоби, раководен од Силвана Блажевска. Со нејзина помош, и со помошта од нејзините колеги очекувам да ги комплетирам финалните проверки на податоците во јули 2010 година, по што книгата би била дадена во печат“.

Говорејќи пак за својата работа на локалитетот Истмија на Коринт, се фокусира првенствено на светилиштето на Посејдон кое го опишува како исклучителна градба со долга историја, во која за прв пат е принесена жртва во 11-10 век п.н.е.

„Храмот бил во функција и во 7. век пр. н.е., а веќе во средината на 6 век п.н.е. во него се одржувале игри кои се дел од панхеленистичка програма. Светилиштето продолжува да биде центар на меѓународни собирања се до 3 - 4 век од нашата ера.

Истмија како локалитет е особено значаен за проучувањата на раната грчка архитектура, за ритуалните обичаи, а тука е и добросочуваното светилиште на римскиот херој во Палаимон. Како раководител на истражувањата во Истмија кои ги изведуваше Универзитетот во Чикаго, во моментов работам со колегите на публикување на предметите, но во подготовка се и нови студии за архитектурата“.

Директорката на НУ „Стоби“, Силвана Блажевска ја оцени посетата на Елизабет Гебхард како многу значајна.

„Театарот во Стоби беше еден од клучните пунктови во рамки на овогодинешниот капитален проект за истражување на локалитетот. Тој претставува навистина исклучителна градба која бара големо внимание и посветеност, особено во смисла на разбирање на сите фази во неговата изградба, што пак од друга страна, ќе биде главен предуслов за неговата конзервација и делумна реконструкција. Годинава истражувањата беа сконцентрирани на источната половина на гледалиштето, односно на делот во кој недостасуваат седиштата и на театарската зграда, каде беа добро документирани доцноантичките куќи изградени врз театарот кога тој веќе не бил во употреба. Воедно, се дефинираа и потпорните радијални ѕидови, двата ходници под гледалиштето и лежиштата каде биле поставени седиштата, чие истражување треба да продолжи наредната година. Тогаш ќе имаме доволно елементи поконкретно да зборуваме за фазите во изградбата со што би се корегирале или потврдиле мислењата на постарите истражувачи. Истовремено ќе отпочне и изработка на проектот за конзервација на театарот, кој е еден од итните приоритети на институцијата, особено ако сакаме да го сочуваме во изворен изглед.

Имавме задоволството да соработуваме со д-р Гебхард, чии прелиминарни размислувања за театарот се објавени во „Studies of antiquities of Stobi“. За нејзините размисли во врска со првата, постара фаза во изградбата на театарот, оваа посета беше од исклучително значење, бидејќи од нејзината последна посета на Стоби во 1981 година, досега се изведувани истражувања кои отвораат нови моменти во неговата историја. За нас, за помладите колеги, особено за Гоце Павловски кој оваа година раководеше со истражувањата на театарот, долгите разговори со неа значеа многу во смисла на размена на идеи и искуства. Поканата да и бидеме гости во Коринт, веројатно ќе ја реализираме на пролет. Таа не го криеше воодушевувањето од нашиот систем на работа и применетата методологија, кој во смисла на прецизно документирање не се разликува многу од нивните методи, со таа разлика што ние го аплициравме на огромна површина.

Сепак, мора да се признае придонесот на американско - југословенскиот(македонски) проект за истражување на Стоби во 70. години од минатиот век, поради обемната документација која ја имаат оставено и публикувањето на резултатите, што е од големо значење за научното вреднување и популаризацијата на Стоби. Но. Елизабет Гебхард не е единствената од членовите на екипата на Џејмс Вајсман која ни доаѓа во посета. Многу почесто драга гостинка ни е д-р Каролин Снајвли (чиј докторат е посветен на ранохристијанските базилики во Стоби), а во јуни не посети и Вирџинија Андерсон - Стојановиќ, која несебично ги сподели своите знаења од областа на римската керамика со членовите на екипата. Се надевам дека и понатаму ќе продолжи ваквата соработка, не само со американските истражувачи, туку и со сите оние кои дел од својот работен век го посветиле на Стоби“.


#
Статијата е прочитана 254 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
„Ревизор“ по 35 години пак во Битолскиот театар
Врачена државната награда „Св. Климент Охридски“
Второ издание на „Каменот од твојот ден“ и трето издание на „Индиго Бомбај“
Битолскиот театар заглавен со 3 млн. денари
Премиера на „Неверство“ од Харолд Пинтер во ЦК
„Voodoo child“ на Џими Хендрикс - најдобар риф на сите времиња
Откажано чествувањето на Свети Климент во Охрид