Битолскиот театар заглавен со 3 млн. денари
Зошто и како се потрошени парите од касата на театарот за сега нема отчет во јавноста
Битола-Битолскиот народен театар е заглавен со 3 милиони денари долг. Сумата ја обелодени новиот в.д. директор на театарот Мимоза Бакиевска, иако доскорешниот директорот на оваа државна културна установа Сашо Огненовски овој податок успешно го криеше.
„Долгот кој што јас го затекнав за овој период е околу 3 милиони денари. Јас самата сигурно не ќе можам да ги решам овие финансиски проблеми. Тоа е сума која што е направена не само од последниот директор туку и од тие што беа пред него. Тоа е затекнат долг“- потврди Бакиевска, актуелен в.д. директор на Битолскиот народен театар.
Зошто и како се потрошени парите од касата на театарот за сега јавноста нема отчет. Како ни тоа кој од бившите директори најмногу придонел за празнење на сметката. Јавноста очекува ревизија пред изборот на директор, но и да се побара одговорност од оние што го направиле долгот на оваа државна установа. Првиот човек на театарот пак се надева дека оваа сума може да се надомести преку спонзорства , донации, но и помош од Министерството за култура.
Така како една од мерките за штедење според в.д. директорот Бакиевска е комплетно ангажирање на целиот ансамбл на театарот кој што е на платниот список и крајно минимизирање на надворешните соработници.
„Сите се трудиме со целата сила да го извадиме овој театар на оној пат што треба да го движи. Да работиме сите заедно за да постигнеме добри резултати“, рече Бакиевска. И покрај големиот долг платите во битолскиот театар се редовни, а надминат е и проблемот со греењето, со кое актерите се соочуваат уште од почетокот на грејната сезона.
„Сега се функционира како што треба во театарот да се надеваме дека така ќе биде и во иднина“, вели актерот Петар Мирчевски.
Конкурсот за директор во битолскиот театар заврши. Иако не се очекуваше има голем број на аспиранти за директорската фотеља во оваа културна установа и покрај финансиската дупка и кризата со репертоарската политика што ја следи повеќе од седум години.
Меѓу оние што се пријавиле е и в.д. директорката Бакиевска, актери, театарски работници, театарски критичари. Последниот збор се очекува да го даде министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска иако неизбежно е новиот директор на театарот да му се допадне и на општинскиот комитет на партијата на власт во Битола. (А.Б.) |