Второ издание на „Каменот од твојот ден“ и трето издание на „Индиго Бомбај“
Деновиве, Издавачкиот центар „Три“ го објави второто издание на романот „Каменот од твојот ден – хималајска приказна“ и третото издание на романот „Индиго Бомбај“, обата од авторката Јагода Михајловска – Георгиева.
„Каменот од твојот ден“ во 2005 година го доби „Рациновото признание“ за најдобра прозна книга, а „Индиго Бомбај“, годинава, беше прогласен за „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Интересот кај читателите за двете дела не само што не стивнува, туку од ден на ден се зголемува.
Што е тоа што публиката толку многу ја плени, ја возбудува и ја восхитува? Според многубројните реакции, очигледно станува збор за висок степен на идентификација на читателот со судбините на јунаците и нештата што им се случуваат, иако дејствијата се сместени далеку одовде, на непалските Хималаи („Каменот од твојот ден“) и во Индија („Индиго Бомбај“).
Работени според автентични настани и лични искуства на авторката, двата романа се навидум неспоредливо различни, а сепак, суштински, на подлабоко ниво, многу слични. Заедничко им е најважното: понирањето во бездните на човечката душа и искачувањето до несогледливите врвови на ропството. Исто како и храброста за искреност без задршка. Исто како и доблеста се што е човечко да се разбере и прифати. Исто како и моќта, светлината и љубовта да се качат на пиедесталот на победниците.
Во „Каменот од твојот ден“ и во „Индиго Бомбај“ всушност е раскажана приказната за „самиот себе“ – на секој оној што ја чита. (Н.П.) |