Македонски министер на официјална средба во Атина
Атина - Министерот за животна средина и просторно планирање, Неџат Јакупи, ќе присуствува на конференцијата за климатски промени во Атина. Неговото присуство официјално е потврдено на Интернет-страницата за конференцијата, што ќе биде прва официјална посета на македонски министер на Грција од 2006 година. Во периодот од 2006 година досега имало само две неофицијални посети на македонски министри во Грција.
Дебатата за новите проекти за животната средина и борбата со климатските промени е независна политичка иницијатива на грчката влада, а организатор е невладиниот Институт за климатска и енергетска безбедност, со која раководи Андрикос Папандреу, братот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Настанот е закажан за 22 октомври во Атина.
Најавено е настанот да го отворат грчкиот премиер Папандреу, еминентниот Џефри Сакс, професор на универзитетот „Колумбија“ и претседателот на ЕИБ, Филипе Мајштад. Во групата во која свое излагање треба да има и македонскиот министер Јакупи, најавени се и грчката министерка за животна средина, Тина Бирбили, кипарскиот министер за земјоделство и природни ресурси, Деметрис Елијадес, албанскиот министер за животна средина, Фатмир Медиу, и српскиот министер за животна средина и просторно планирање, ��ливер Дулиќ.
Оваа иницијатива е почната со цел да се препознаат сериозните закани од климатските промени во однос на стабилноста и развојот на регионот. За да се формализира присуството на оваа иницијатива грчкиот премиер испратил покани до лидерите од Медитеранот да му се приклучат на потпишување на декларацијата за борба против климатските промени. Според програмата, пред потпишувањето на декларацијата ќе говорат грчкиот премиер, потоа турскиот премиер Реџеп Ердоган, премиерот на Палестина,Салам Фајед, како и премиерите на Малта и на Црна Гора. (М.П.) |