Флеш-вести
Војдан Стојановски во Черкаски Мавпи
Најкорисниот играч во минатогодишното финале на Првата лига, Војдан Стојановски, кариерата ќе ја продолжи во Украина, поточно во Черкаси Мавпи. Доскорешниот член на македонскиот и балкански шампион Фени индустри ја прифатил понудата за едногодишен договор од украинскиот прволигаш, ставајќи крај на шпекулациите дека заминува во Турција. Потсетуваме, Војдан минатиот период беше на проба во Олин, но не се договори со турскиот клуб.
Украина не е непозната дестинација за македонските кошаркари, а во овој клуб своевремено играше Ѓорѓи Чековски, додека тренер беше бившиот селектор на македонската репрезентација Јовица Арсиќ. Токму по препорака на Арсиќ, Черкаси Мавпи го ангажираше Стојановски за наредната сезона.
Покрај Војдан за украинскиот клуб летово потпиша и минатогодишниот член на МЗТ Скопје, Миљан Пуповиќ. (Н.К.)
Понуда
Челзи дава 60 милиони фунти за БеЈл и за МодриЌ
Новиот тренер на Челзи, Андре Виљаш Боаш, изгледа дека првиот потег ќе го повлече во правец на градскиот ривал Тотенхем. Неговиот избор е креативниот тандем Герет Бејл - Лука Модриќ, за што има поддршка од газдата Роман Абрамовиќ. Рускиот милијардер таа желба ќе ја потпомогне со 60 милиони фунти.
Дека Тотенхем ќе се позанимава со продажбата на некои свои играчи пред да купи нови сведочи и изјавата на тренерот Хари Реднап.
„Морам да продадам четири или пет фудбалери за со тие пари да донесам кого сакам. Претседателот на клубот ми порача дека купувањето е можно дури по продавањето“, изјави Реднап по овој повод.
Рекорд
Барселона освои 16 трофеи
Барселона сезоната 2010/2011 ја заврши со 16 освоени трофеи, што е апсолутен рекорд во 112 годишната историја на ова спортско друштво. Различните селекции на спортскиот колектив Барселона, од фудбалери, преку ракометари, до кошаркари и хокеари освоија вкупно 16 титули, со што ја надминаа бројката од минатата година. Тогаш претседател на спортското друштво беше Хуан Лапорта, а сега е Сандро Росел.
Трансфер
Усами го засили Баерн
Такаши Усами (19) дојде во Баерн на шестмесечна позајмица од редовите на Гамба Осака, со можност за потпишување трајна соработка. Усами кој месецов доби повик во А репрезентацијата на Јапонија игра во средниот ред и како полушпиц.
Осумнаесетгодишниот Дејл Џенингс кој игра за англискиот второлигаш Транмере, пак, е на чекор до трансфер во Баерн.
Скаутите на Баварците последните месеци го следеа одличниот напаѓач за чии услуги се заинтересирани и неколку клубови од Премиерлигата, но засега Баерн е најконкретен и подготви 1,5 милиони фунти, колку што бара Транмере.
Баерн е заинтересиран и за португалската ѕвезда на Манчестер јунајтед, Нани. За него Германците даваат 20 милиони фунти. „Дејли мејл“ јавува дека Баерн смета оти доаѓањето на Ешли Јанг од Астон Вила може да ја намали минутажата на Нани. Самиот Португалец вчера изјави дека сака да остане во Јунајтед. |