Шести триумф на Србија во Светска лига
Ватерполистите на Србија го одбранија трофејот во Светската лига со победата над домаќинот Италија од 8:7 (2:2, 1:1, 2:2, 3:2) во финалето во Фиренца. Покрај наградата од 100.000 долари, шестиот триумф во десеттото издание на Лигата на Србите им донесе и директен пласман на Олимписките игри в година во Лондон. Италијанците, пак, за своето второ сребро по тоа во 2003 година ќе поделат 70.000 долари.
По израмнетите три четвртини, во последната бранителот на титулата три пати поведуваше, а конечниот резултат го постави Филип Филиповиќ на 2:43 минути до крајот. „Аѕурите“ имаа можност да израмнат во последните девет секунди, во кои имаа играч повеќе по исклучувањето на Андрија Прлаиновиќ, но не ја искористија.
Бронзениот медал на финалниот турнир и' припадна на Хрватска, која во малото финале ги декласира САД со 11:5. Во натпреварот за петтото место Австралија ја изненади Црна Гора со 8:7, а во мечот за седмата позиција Канада беше подобра од Кина со 10:9.
Во јубилејното издание на ова натпреварување учествуваше и Македонија, но не ја помина групата со Србија, со Шпанија и со Германија. Единствените два бода македонските ватерполисти ги освоија против Германија во последното коло на домашен терен, кога славеа со 14:12 по изведувањето петерци. |