Број 3616  вторник, 28 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Спорт

Фетел ги остави конкурентите да пресметуваат

Првакот во Формула 1 би можел да си ја обезбеди титулата веќе во Сингапур на крајот од септември

Себастијан Фетел може да оди и да се испружи на некоја тропска плажа од сега па до крајот на август и потоа да се врати одморен, исончан и се' уште во водство во годинашниот Светски шампионат во Формула 1. Дури и да не освои ни поен во следните три трки, возачот на Ред бул со завчерашната победа во Валенсија си го обезбеди првото место најмалку до Белгиското гран-при на 28 август во Спа Франкошамп. Шестата победа во осмата трка сезонава го остави светскиот шампион во водство со 77 поени повеќе од Џенсон Батон од Мекларен и од тимскиот колега Марк Вебер, а до крајот остануваат уште 11 трки. Тоа им создаде итна математичка задача на луѓето во падокот, кои фатија да пресметуваат кога 23-годишниот Германец би можел и теоретски да си ја обезбеди својата втора титула едноподруго со сегашната прогресија на резултатите. Сингапур на крајот на септември, по што ќе останат уште пет трки, изгледа во рамките на веројатното.

Арно ама, Фетел нема намера самиот да пресметува.

„Не бев добар по математика. Ја сакам, но добро е да се знае дека водиме, а со колку поени не ми е грижа“, изјави тој на средбата со новинарите по трката за Големата награда на Европа. „Луѓето ми кажуваат доволно често, па немам потреба да проверувам. Да бидам искрен, не ја загледувам многу табелата. Сметам дека секогаш треба да се зема последната година како пример. Тоа покажува дека имавме добри трки до одреден момент минатата година, по кој работите тргнаа лошо и изгубивме доста поени. Не правевме големи грешки, но губевме трки и поени“.

Фетел ја освои титулата со победата во последната трка од сезоната во Абу Даби, откако битката за шампионските почести се вжешти со тоа што дури четворица возачи математички имаа шанси до крајот. Тој не беше лидер во ниту еден момент од првенството до самото финале, во кое Вебер влезе со подобра бодовна положба, а возачите на Мекларен и на Ферари си ги менуваа местата на врвот. Фетел, исто така, не успеа да освои ни поен во Австралија, во Турција, во Белгија и во Јужна Кореја пред да победи во двете последни трки од сезоната.

„Ако ја погледнете Формула 1 и ако ја споредите со други спортови, сфаќате дека сезоната е многу, многу долга“, вели Фетел, иако тековниот шампионат се намали на 19 трки по откажувањето на Бахреин. „Остануваат уште доста трки и многу нешта можат да се случат. Сигурно ќе има трки во кои се' ќе се одвива добро, но и такви во кои ќе се мачите, во кои ќе биде тешко, во кои ќе имате услови како во Канада или во кои работите нема да се одвиваат во посакуваниот правец. Тука не мора да станува збор за грешки, туку, едноставно, нештата нема да ви одат во прилог“.

Единствената вистинска грешка на Фетел во досегашниот тек на сезоната се случи во Монтреал, во која се излизга во последниот круг додека беше во водство, а во ситуација кога Батон го притискаше, потоа го помина и на крајот победи, иако во еден момент од трката беше последен. Германецот беше доминантен во неделата откако ја прокнижи својата седма пол-позиција годинава.

„Ако ни се укаже шанса за победа, тогаш треба да ја искористиме“, изјави тој. „Ако, пак, дојде ден да имаме проблеми, не сме доволно конкурентни и болидот можеби е добар за трето место, тогаш треба да завршиме трети, а не седми“.

Тој ден, како што додава веднаш, се' уште е далеку.


#
Статијата е прочитана 360 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Победничка атмосфера во Работнички
Војдан Стојановски во Черкаски Мавпи
Ривер Плата испадна, Буенос Аирес бојно поле
Дикс на мегдан на Болт
Хаџиевски и Јовановски на преговори
Шести триумф на Србија во Светска лига
Серена Вилијамс во аут!
Металург со Макаби за ЛШ

"""