Ривер Плата испадна, Буенос Аирес бојно поле
Прв пат во својата 110-годишна историја клубот со 33 титули во Аргентина ќе игра во понизок ранг
Незамисливото се случи. Најтрофејниот аргентински клуб Ривер Плата за прв пат во својата 110 годишна историја ќе мора да игра во втората лига. Во неделата „Монументал“ каде претходните генерации на Ривер Плата остваруваа огромни успеси беше местото на најголемиот можен дебакл. Славниот клуб, кој на своите витрини има 33 титули од аргентинскиот шампионат (последниот трофеј го зграпчи пред три години), одигра во реваншот со второлигашот Белграно само 1:1. Во првиот меч како домаќин Белграно славеше со 2:0.
Навивачите не можеа да се помират со болниот факт. Побеснеа уште на стадионот „Монументал“, и тоа пред самиот крај на реваншот, кога беше јасно дека славниот Ривер не може да остане во елитата. Публиката го „поплави“ теренот со разни предмети, а најзагреаните се обидоа да ја прескокнат оградата за да се пресметаат со домашните играчи. Тие мораа да го напуштат теренот со заштита, а полицијата мораше да к��ристи и водени топови за да ги спречи хулиганите.
Хаосот се префрли на улиците на главниот град Буенос Аирес, кој личеше на вистинска воена зона. Беа забележани бројни судири со полициските сили, а навивачите го уништуваа центарот на градот, палеа автомобили и кршеа излози. За тоа време хеликоптери го надлетуваа подрачјето.
Според, пишувањата на медиумите биле повредени повеќе од 50 луѓе од кои голем дел биле полицајци. Извештаите од болниците велат дека биле примени 25 потешко повредени лица. Градските власти ангажираа повеќе од 2.000 полицајци.
И навивачите на Бока, најголемиот ривал на Ривер, ја искористија оваа шанса и се насладуваа на неуспесите на сега веќе аргентинскиот второлигаш. Се собраа во центарот и скандираа против Ривер.
Инаку, во петок почнува Копа Америка и сигурно е дека ќе има уште лоши вести за безредијата во Буенос Аирес. Финалето треба да се игра токму на „Монументал“, каде што пред повеќе од 60.000 гледачи Ривер Плата ја фаќаше последната сламка на спасот од историскиот срам. Се' тргна по желба на Ривер кога напаѓачот Маријано Павоне со прецизен удар од далечина ја погоди гостинската мрежа. Меѓутоа, „Монументал“ остана во шок во 62. минута по голот на Гиљермо Фаре, кој ја искористи грешката на одбраната и заби една „ничија топка“.
Малку надеж донесе пеналот досуден во средината на вториот дел, но ударот на Павоне го одбрани гостинскиот голман. Така Ривер ќе мора да се помири со фактот дека ќе игра во понизок ранг. Секако и со фактот дека на фудбалскиот хоризонт во Аргентина го нема Миравци, па да може да направи ингениозна фузија и да остане во Првата лига. |