Победничка атмосфера во Работнички
Дебармаалци оптимисти пред мечот задутре во Естонија во квалификациите за Лига Европа
Сашко Ѓ. Димовски
„Одиме како фаворити. Размислуваме оптимистички, имаме квалитетна екипа. Естонците не се тим од кој треба да се стравува. Ќе добијат онолку наш респект колку што заслужуваат и колку што е потребно“, ни изјави спортскиот директор на Работнички, Игор Ангеловски, пред утрешното заминување за Естонија, каде в четврток дебармаалци ќе ги одиграат првите 90 минути од воведното квалификациско коло во Лига Европа против Транс Нарва.
„Се' е в ред кај нас. Атмосферата е на високо ниво, победничка. Задоволни сме од сработеното на подготовките и од прикажаното во контролните натпревари. Но, мора да дадеме 100 отсто на теренот, во спротивно може да имаме проблеми“, дополни тој.
Играчите порачуваат, а стручниот штаб и управата на Работнички верува, дека во четврток крајно сериозно ќе му се пристапи на противникот. Впрочем тоа е единствениот начин за обезбедување на поволен резултат што на „романтичарите�� ќе овозможи во Скопје, по седум дена, да закажат двомеч со аматерите од Сан Марино, екипата на Јувенес Догана, во наредната рунда во ова натпреварување.
Ростерот на Работнички претрпе големи промени по завршување на ланската сезона. Клубот го напуштија Стефановиќ, Радовиќ, Станковиќ Белица, Андонов замина во Локомотив Софија, противник на Металург во второто квалификациско коло за Лига Европа, а Глигоров ја продолжи кариерата на Кипар. И тоа не е се. Пред трансфер во странство е Митревски кој е на прагот да се обврзе на верност кон словачкиот прволигаш Тренчин.
Во меѓувреме екипата привлече пет играчи. Дресот на Работнички повторно го облекоа Димитар Лазаревски и Горан Станковски, кон нив се приклучи и поранешниот македонски репрезентативец, Влатко Гроздановски, во Дебар Маало пристигнаа и Ангелов и Брдаревски. Раководството на клубот деновиве треба да официјализира уште еден трансфер. Станува збор за младиот Филип Дурански, дете на Работнички, кој пред четири години отпатува во тимот на Славија (П). Но, поради финансиски проблеми во кои западна чешкиот состав, довчерашниот капитен на Б-тимот на прашка Славија, реши да побара нова средина што најверојатно ќе најде во Скопје во својот матичен клуб.
Транс Нарва со само две победи во Европа
Транс Нарва има само две победи во европските купови - против шведски Елфсборг со 3:0 и над белгиски Локерен со 1:0, има и едно реми без голови против турски Газијантепспор, а во сите преостанати 23 натпревари е поразена.
Естонците немаат учество во квалификациите за Лигата на шампионите. Осум пати ја претставуваа својата земја во поранешниот Интертото куп (гол-разлика 13:56) и четири пати во елиминациски фази за Лига Европа/Куп на УЕФА (гол разлика 4:27).
Транс Нарва еднаш беше вицешампион на Естонија (во 2006 година), а четири сезони завршуваше на третото место (1995, 2005, 2008 и 2010). Има еден трофеј во националниот куп (2001) и два во естонскиот Суперкуп (2007 и 2008).
Клубот е формиран во 1979 година во гратчето Нарва на истокот на земјата, на границата со Русија. Мечевите ги игра на својот стадион „Кренхолми“ со капацитет од 3.000 седишта, но, поради непоседување лиценца за меѓународни средби, средбите во европските купови како домаќин ги игра во престолнината Талин.
Транс Нарва моментно е четвртопласирана екипа во естонското првенство. Во своите редови има десет странци, од кои тројца се Руси, петмина се Литванци и двајца се Летонци. |