Многу тага и прашања по смртта на француските војници

Саркози изрази одлучност дека ќе бидат извлечени сите поуки од загубата на десеттемина војници во Авганистан
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Големата тага и болка при простувањето на француската нација од своите војници загинати во Авганистан не ги спречија бројните прашања за француското воено ангажирање во Авганистан. Според испитувањето на јавното мислење објавено во дневниот весник „Паризиен-ожурдуи“, дури 55 отсто од испитаните сметаат дека е потребно да се вратат трупите од Авганистан, бидејќи таа се впушта во конфликт врз кој нема контрола.
Од друга страна, 36 отсто го делат мислењето на францускиот претседател и сметаат дека нивните војници треба да останат таму и да учествуваат во меѓународната борба против тероризмот. Испитувањето на расположението на јавното мислење направено само еден ден по заседата во која животот го изгубија 10 војници, покажува дека 48 отсто од Французите му веруваат на претседателот Никола Саркози за военото ангажирање, а 46 отсто не му веруваат.
На националната церемонија при простувањето со младите војници, организирана во дворот на инвалидите во Париз, директно пренесувана на француските телевизии, претседателот Саркози изрази одлучност дека од трагичниот настан ќе бидат извлечени сите поуки, повторувајќи дека Французите се ангажирале во Авганистан во борба против варварството, мрачните сили и тероризмот. Притоа, шефот на француската држава уште еднаш повтори дека нема намера да ги повлече трупите оттаму: „Немаме право да загубиме таму, да се откажеме од одбраната на нашите вредности, да ги оставиме варварите да триумфираат, бидејќи поразот на другата страна на светот ќе се плати и со пораз на територијата на Француската Република“.
Никола Саркози уште по првите вести за загинувањето на војниците се стави во прва линија, преземајќи ја одговорноста и ветувајќи дека нема да дозволи да се повтори тоа. Францускиот печат е преполн со приказни и слики од Авганистан и десетте ковчези на загинатите војници. Трогателното простување и свечената церемонија никој не ги оспорува, но се поставуваат прашања, како во „Лест републикан“, дали требаше да се стават пред телевизиските камери тагата и солзите на најблиските, бидејќи солзите не се спектакл. „Републикан Лорен“ се прашува дали беше умешна идејата претседателот Саркози да замине веднаш во Авганистан, дали некој ги виде американскиот претседател или британскиот премиер да го направат тоа по еден воен пораз. Сигурно се посакуваше впечатокот да биде силен, но ваквиот спектакуларен начин на раководење со националната несреќа остава простор за сомневање дека француските војници отсега ќе бидат избрана цел за Талибанците и најдобро средство за да се погоди таму каде што боли најмногу.
По анонимните сведоштва на преживеаните војници објавени во париски „Ле монд“ дека тие биле изложени на пријателски оган и дека останале без логистичка поддршка и оган, „Фигаро“, повикувајќи се на ексклузивни информации, тврди дека засилувањето било испратено веднаш и дека ниту еден од војниците не загинал од огнот од НАТО.
Министерот за одбрана, Ерве Моран, во „Фигаро“ тврди дека целта на Талибанците е да предизвикаат сомневања кај сојузниците. „Либерасион“ објаснува дека Талибанците имаат свои правила, нивните герилски групи не започнуваат напади на теренот ако претходно не добиле согласност од локалните шефови. Така било за време на војната против СССР, така е и денеска против НАТО. Многу прашања се поставуваат и за погрешната стратегија на НАТО и на Американците за реконструкцијата и развојот на земјата.
Француската опозиција која минатата пролет не успеа да и' изгласа недоверба на владата по одлуката на Саркози да испрати нови засилувања во Авганистан, наспроти неговите предизборни ветувања за повлекување на трупите, денес бара расправа во парламентот. Најверојатно во парламентот ќе биде создадена истражна комисија што ќе трага по причините за едни од најголемите воени француски загуби по атентатите во Либан, а пред парламентот се очекува да се обрати и претседателот Никола Саркози, како што сега му го дозволува тоа изменетиот устав. |