Животот е убав во сиромашниот кварт во Најроби, вели полу-братот на Барак Обама

Џорџ Обама, полубрат на Барак, се надева дека еден ден ќе стане автомеханичар
НАЈРОБИ - Квартот Хурума со своите калливи патишта и трошни колиби е познат по сиромаштијата, болестите и пресметките меѓу бандите, меѓутоа за полубратот на Барак Обама тоа е место кое тој го нарекува свој дом. Сега кога кандидатот од редовите на демократите уште повеќе ги зголеми шансите за влез во Белата куќа, Џорџ Хусеин Онјанго Обама, најмлад од своите полубраќа и сестри, одговори на тврдењата дека неговото семејство се откажало од него поради тоа што тој инсистирал дека е задоволен со животот во едноставна дрвена колиба. „Животот во Хурума е добар. Во други места мора да се заклучувате за да бидете безбеден“, рече тој за „Тајмс“. „Тука сум опкружен со пријатели и семејството и се чувствувам сигурно и безбедно“.
Неговиот дом се наоѓа покрај земјен пат кој по дожд се претвора во кал. Во непосредна близина, жена пржи зачинет компир во големо количество зовриено масло, додека пак миризбата на ѓубре се чувствува низ улиците. Малку понатаму шест лица беа претепани до смрт за време на полициското насилство што ја погоди Кенија во почетокот на оваа година. Џорџ (26) живее мирен живот, учејќи за да стане автомеханичар се' до почетокот на оваа недела, кога „Венити фер“ го пронајде во Хурума, на периферијата од Најроби. Тој рече дека бил бесен на новинарските текстови во кои било посочено дека бил напуштен од страна на семејството Обама и дека се срами поради тоа што живее во сиромашен кварт. „Изгледа има луѓе што сакаат да ме уништат мене и моето семејство“, рече тој. „Тие велат дека живеам со еден долар месечно, но тоа се лаги од луѓе кои не сакаат да победи мојот брат“. Тој додава дека ја има поддршката од мајка си Џаел, која сега живее во САД, и од роднина во Хурума.
Семејството Обама во Кенија со запрепастеност ја следи кампањата во САД која станува се' понегативна. Новинарите се обидоа да покажат дека Барак Обама крие дека е муслиман и ги пронајдоа пријателите на неговиот татко, кои го опишаа како алкохоличар и насилен сопруг. Сега тие се загрижени дека невнимателните коментари во Кенија може да имаат последици илјадници километри подалеку. Џорџ е најмладиот од седумтемина полубраќа и сестри на Барак. Тој се родил од врската на Барак Обама постариот со четвртата партнерка, шест месеци пред автомобилската несреќа во која неговиот татко го губи животот.
Неодамна, во разговор за време на ручек, Џорџ призна дека малку знаел за својот полубрат. „Луѓето постојано ме прашуваат, но со него се имам сретнато само двапати и не можам да зборувам за тоа каков човек е“, рече тој. „Многумина не знаат за врската меѓу нас“, продолжува тој. „Ако ме прашаат како се викам, им кажувам дека не сме роднини. Тука проблемот е во тоа што луѓето имаат големи очекувања и мислат дека ќе барам услуга од него“. Синоним за политиката во Кенија е корупцијата, а од парламентарците се очекува да пренасочуваат готовина и развојни програми кон селата од каде што потекнуваат.
Џорџ вели дека не очекува никакви услуги и сака да заработува за живот, дури и е убеден дека неговиот брат ќе влезе во Белата куќа. „Тој во многу работи е прв, прв претседател-Црнец од Харвард и освојувањето на номинацијата, па веруваме дека ќе победи“, рече тој. Тоа значи дека полубраќата и сестрите, како и многубројните братучеди, чичковци и тетки што го сочинуваат семејството Обама, ќе треба да се навикнат да бидат во центарот на медиумското интересирање. (Тајмс) |