Русите ги отстрануваат пунктовите

Во базата во Црно Море вчера се врати и првиот руски борбен брод
ГОРИ - Грузија вчера соопшти дека руските сили ветиле дека ќе се повлечат од грузискиот град Гори до 20 часот и ќе ги отстранат сите контролни пунктови од стратегиски важниот главен пат што минува покрај нив. Кака Ломаија, официјален претставник на грузискиот Национален совет за безбедност, изјави дека рускиот генерал Владимир Борисов, командант на руските сили во регионот на Гори, го информирал за планот за време на вчерашната средба во Гори. „Да видиме што ќе се случи“, изјави тој пред новинарите.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Антонио Гутерес, вчера пристигна во главниот град на Јужна Осетија, заедно со хуманитарниот конвој испратен од Агенцијата за бегалци при ОН, изјави портпаролот. „Можам да потврдам дека високиот комесар и конвојот пристигнаа во Цхинвали“, изјави портпаролот Андреј Махецик во Женева.
Во базата во Црно Море вчера се врати и првиот руски борбен брод што учествуваше во операциите во Грузија. Дописникот на Ројтерс јави дека околу стомина украински демонстранти, донесени со автобуси од страна на локалната партија од соседниот град, демонстрираа низ кримското пристаниште во Севастопол кога „мираж“, мал воен брод, се врати во базата. (Ројтерс)
|