Наместо селски училишта, ќе никнат бараки
Селските училишта ќе ги заменат монтажни бараки. Министерството за образование и наука во петокот објави оглас за изработка на студија за јавно приватно партнерство за изградба на 108 училишта во руралните средини. Во огласот се бара фирма што во наредните четириесетина дена ќе треба да го скенира теренот и да даде мислење, кои од училиштата во руралните средини ќе треба да се реновираат, а каде што ќе треба да никне сосема нов објект. Ваквата политика на Министерството е сосема спротивна од досегашните најави на поранешните структури, кои најавуваа дека е прашање на време кога ќе се затворат селските училишта поради непотребните трошоци за мал број ученици. Во некои училишта одат и по пет деца, иако законската основа за отворање паралелка е најмалку 24 деца.
„Со инвестицијата ќе се решат проблемите на 2.300 ученици од помалите средини. Сакаме да ја видиме оправданоста на инвестицијата што ја планираме. Дали повеќе се исплати за тие деца да плаќаме превоз до најблиското училиште или, пак, е потребно да се изградат мали училишта за тие деца во нивното место за живеење. Очекуваме некаде да се покаже дека е поевтино да се изгради сосема нов објект отколку да се реновира постојното училиште“, објаснуваат од Министерството за образование и наука.
Студијата ќе треба да се изработи за 45 дена, а за неа се планира да се одвојат околу 10.000 евра. Со студијата, по принцип, на јавно приватно партнерство ќе се бара фирма што ќе инвестира во бараките, кои потоа е предвидено да ги користи Министерството за образование, а за кои ќе плаќа кирија. (Ж.Х.З.) |